Владата со одговор до Стразбур: Нема да се спогодиме со ексфункционерите обвинети од СЈО

Владата нема намера да се спогодува со ексфункционерите обвинети во предметите на СЈО, а кои поднесоа апликации против државата пред Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур повикувајќи се аболицијата од бившиот претседател Ѓорге Иванов.

Нивните апликации пред меѓународниот суд се во почетна фаза, односно во фаза кога државата добива известување од Стразбур и треба да даде одговор околу можноста за евентуално спогодување. Рокот Владата да испрати одговор истекува на 18 декември, а Владата на денешната седница одлучила да ја отфрли можноста за спогодба.

„Владата го задолжи владиниот агент во предвидениот рок да го извести судот во Стразбур дека Владата нема да ја користи можноста за спогодување со подносителите на тужбите против државата. Проектот ’Вистината за Македонија‘ беше оној кој иницираше силни политички, општествени и правни промени во државата. Затоа е потребно граѓаните да имаат прилика и во правна смисла на зборот да ја дознаат вистина и сите кои сториле криминал или ги прекршиле законите да одговраат за тие дела“,

соопшти министерот за правда, Бојан Маричиќ.

Тој вели дека Владата не сака да прејудицира дали обвинетите се виновни или не, но ќе направи се за може преку соодветна постапка да се докаже едното или другото.

Станува збор за девет апликации до Стразбур, поделени во две групи. Во едната се ексминистерот Миле Јанакиевски, поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски и Киро Тодоровски кој беше шеф на кабинет на ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

Името на Јанакиески е и во втората група на апликанти, а покрај него тука се и: бившиот премиер Никола Груевски, ексминистерката Гордана Јанкулоска, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешните градоначалници на Гази Баба и Битола, Тони Трајковски и Владимир Талевски и градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко.

Тие ги проблематизираат постапките против нив од аспект на аболициите кои им ги даде Иванов во 2016 година. Од истиот аспект тие досега често со нивните адвокати ги оспоруваа предметите и пред домашните судови повикувајќи се на тезата дека еднаш дадена аболиција не може да се повлече.

„Помилувањата на Иванов беа дадени спротивни на домашното право и како такви беа избор на правна несигурност и директен повод за големо незадоволство кај граѓаните. Нивното поништување, пак, беше своевидно повторно воспоставување на нарушената правна рамнотежа. Владата е должна ваквиот став да го брани и застапува пред судот во Стразбур, а преку своите аргументи да му даде можност на судот истите да ги оцени упатувајќи со тоа уште една силна порака дека оваа влада не е подготвена да прогласи врв на неказнивост“,

рече Маричиќ.

Со аболицијата на Иванов од април 2016 беа опфатени 54 лица од предметите на СЈО. Но, таквиот потег на бившиот претседател предизвика бурни реакции во јавноста и протести, па по месец и половина и по направени законски измени во Законот за помилување, тој ги повлече аболициите.

Повлекувањето на аболициите, обвинетите со нивните адвокати се обидоа да го оспорат и пред Уставниот суд, а уставните судии по една година откако го отворија предметот минатиот месец гласаа и одлучија да се запре постапката за оценување на законските одредби дали повлекувањето е уставно или не, бидејќи таквите членови во Законот за помилување веќе не се применуваат.

Total
0
Shares
Поврзани објави