Владата ги испрати новинарите од конститутивниот состанок на Акциската група за координација на државните институциите за борба против дезинформации и напади на демократијата. Јавноста имаше можност да го слушне обраќањето на државната тројка, претседателот Стево Пендаровски, собранискиот спикер Талат Џафери и премиерот Зоран Заев.

Функционерите додека говореа за борба против ширење на лажни вести и манипулација на јавноста, новинарите можеа само да ги слушнат нивните ставови, но не и да постават прашање, зашто така предвидувала агендата.

– Јас ви благодарам на присуството, сега говорам за претставниците на медиумите, на новинарите. Овде го затвораме отворениот дел на денешнава дискусија и координативна седница. Ќе дадеме кратка пауза, а потоа ќе почне работниот дел којшто ќе биде затворен за јавност, ви благодарам уште еднаш – рече министерот за транспарентност, Поповски.

Штом државната тројка седнала на иста маса да разговора за борба против дезинформациите, Владата сериозно сака да се избори против лажните вести, беше пораката на министерот Поповски.

Кампањата против т.н.„фејк њуз“ ќе се води според стандардите на Европската комисија и секторот за комуникации на НАТО.Од октомври е најавена серија консултации со граѓанските организации и медиумите. Беше поздравена и иницијативата за регистар на изданија само што ги исполнуваат условите да бидат медиуми, со познато сопствеништво и импресум.