Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи рече дека уште од првиот ден по приведувањето на поранешниот припадник на ОВК, Томор Морина, е ангажиран за негово ослободување.

„Во текот на денешниот ден ќе се обратам до институцијата да го посетам бидејќи јасно е дека нема координација меѓу неговиот адвокат, барањето за екстрадиција итн…, рече Османи, додавајќи дека е болно што после 20 години од конфликтот, како што истакна, луѓето уште да се задржуваат и да се приведуваат за конфликтот.

Aдвокатот на Морина, Насер Рауфи, рече дека барањето за ослободување на Морина е одбиено од Судот и оти веќе е поднесено ново со кое се бара определување други мерки на претпазливост, односно овозможување на притворениот да се брани од слобода.

Томор Морина минатата недела е уапсен од македонската полиција на граничниот премин Блаце, поради издадена потерница од Интерпол. Српските власти денеска побараа негова екстрадиција бидејќи го сомничат за воени злосторства на Косово.