Првите вакцини против ковид-19 се очекуваат на почетокот на 2021, но не се знае кога точно и колку дози ќе добиеме од соседните земји. Конкретна е само бројката од 833 илјади дози преку КОВАКС, кои се очекуваат до март 2021. Вакцините од Фајзер за кои директно се преговара ќе пристигнат налето.

Не се знае ниту точно колку вакцини против ковид-19 ќе добие Македонија по разните канали за кои зборува власта, ниту точно кога ќе пристигнат тие во нашата земја. Единствена бројка за која со сигурност може да се каже дека е обезбедена се 833-те илјади дози вакцини што Македонија треба да ги добие преку КОВАКС механизмот. Тие вакцини наменети за околу 400 илјади луѓе, оти вакцината треба да се прима во две дози, се очекува да пристигнат до март следната година.

На почетокот на годината може да се надеваме и на остатокот од вакцините кои нема да и бидат потребни на соседна Бугарија, но властите не знаат на колку дози може да сметаме од таа вакцина. Станува збор за пратки на вакцина кои Бугарија директно ги купила од производителите, а дел ќе донира и на нашата земја. Бугарија ќе добие малку дози пред Нова година, но тие ќе бидат наменети само за нив. Од пратката што треба да ја добијат во јануари, Македонија може да се надева на нешто, но не се знае за колку дози станува збор.

„Бугарската влада има нарачано сосема доволна количина на вакцини и во таа смисла кажува дека ќе се задоволат и потребите на нивните граѓани и ќе одвојат и одредена количина за нас. Од секоја количина што ќе стигне во Бугарија ќе се оддели една и за нас, за што ќе бидеме во контакт за одредени технички детали. Во овој момент ни тие точно не знаеја кога точно ќе стигнат првите големи пратки вакцини. Количините кои ќе означат почеток на масовното вакцнинирање се очекува на почетокот на следната година“, рече министерот за здравство Венко Филипче, по посетата на Софија, во рамки на која беше постигнат договорот за вакцини.

Бугарија прво ќе добие вакцини од производителот Фајзер, потоа на Модерна, па на Астра-Зенека. Според плановите, вакцинацијата во ЕУ треба да започне на 27 декември.

Од почетокот на ноември министерот за здравство Венко Филипче и премиерот Зоран Заев кажуваат дека може да се надеваме и на вакцини кои ќе ни ги отстапи Грција. Во најава е дека Полска ќе ни препродаде дел од вакцините што ќе ги набават, но властите и за ова не знаат точно колку вакцини ќе добиеме преку тие канали. Владините портпароли презицен датум за тоа најавија следната недела. ЕУ е во постапка за набавка на 200 милиони вакцини за земјите-членки. Во Владата велат дека кога дел од првата пратка на вакцини што ќе стигнат во Грција, ќе биде наменета и за граѓаните во нашата земјата.

„Република Северна Македонија не чека само на донации, туку навреме ги направи сите потребни чекори и процедури, а алоцираше и средства за вакцини. Почна директни преговори, се користат сите инструменти, вклучувајќи го и ковакс механизмот, кој беше прв на располагање“, рече портпаролот на Владата, Душко Арсовски.

На почетокот на декември владата соопшти дека имаат обезбедено пари за аванс и за гаранција за вакцините кои треба да ги добиеме преку КОВАКС. Тоа е систем на СЗО и на Глобалната алијанса за вакцинација којшто овозможува како што ќе доаѓаат вакцините од различни производители еднакво да бидат дистрибуирани кон сите земји коишто аплицирале на тој механизам.

Здравствените власти прават обиди да купат вакцини директно од производителите. Со Фајзер е почната комуникација, потпишан е договор за тајност на податоци, но сè уште се чека на краен договор. Според почетниот договор, од Фајзер соопштиле дека на вакцина од нив може да се надеваме во втората половина на 2021, рече министерот Филипче. Од Астра-Зенека, пак, сè уште нема добиено дефинитивен одговор на барањето испратено од власите во земјава.

Македонија ќе добие вакцини и од програмата на ЕУ наменета за земјите кои не се членки. Со програмата се планира да се обезбедат 100 милиони дози за земјите кои не се дел од Унијата, а Македонија аплицирала за 800 илјади дози од оваа програма.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на Фејсбук напиша дека е „за пофалба е сечиј труд, што поскоро да се дојде до вакцината за ковид-19 за што повеќе македонски граѓани, дури и преку помош од соседите. Тој упати прашања до министерот Филипче – Што точно е договорено и кога и колку вакцини можеме да очекуваме? Потоа на прес-конференција во партиското седиште, Марија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ, рече дека соседните земји имаат вакцини против ковид, а Филипче нема ниту план.

„Во Србија стигна вакцина и почнува вакцинацијата, а тестови за корона можат да се купат во секоја аптека за 10 евра. Грција и Бугарија имаат вакцини, а Филипче нема ниту план, уште помалку одреден термин кога ќе стигнат вакцините за да започне вакцинацијата. Значи кога речиси сите веќе набавија вакцини и стартуваа со вакцинација против корона, Филипче не знае каде тера“, рече Андоновска.

Ќе се менува Законот за јавни набавки за полесно купување вакцина

Во меѓувреме, Владата иницираше постапка за измени во Законот за јавни набавки со кои ќе се овозможи полесно купување на вакцината. На седницата одржана на 22 декември Владата задолжи неколку институции да направат план за прием, обезбедување, чување, дистрибуција, аплицирање на вакцината против ковид-19, а дел институции да изготват измени на Законот за јавни набавки со кои ќе се овозможи плаќање на аванс поголем од 20 проценти од цената и ослободување од обврската за обезбедување банкарска гаранција за авансно плаќање во постапките за јавни набавки директно поврзани со справувањето со епидемии и пандемии на заразни болести. Процедурите би завршиле непосредно пред Нова година, што значи дека и измените се очекуваат на почетокот од следната година.

Според планот за вакцинација, прво ќе се вакцинираат лекарите, медицинскиот персонал и сите други на првата линија во борбата со пандемијата, потоа хронично болните, возрасните граѓани, вработените во градинките и останатите на приоритетната листа. Вакцината ќе биде бесплатна и незадолжителна, но не има силни препораки да се прими.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани, според податоците од 23 декември, изнесува 79815, бројката на оздравени пациенти е 56743, на починати е 2354, а бројот на активни случаи изнесува 20718.

По пикот на заразени минатиот месец, кога дневно имаше и по околу 1400 нови случаи, во изминатите недели бројката се намали за дупло, намален е и бројот на починати, како и бројот на луѓе кои се на болничко лекување.

Во земјава е задолжително носење маска и на отворено, забрането е групирање на јавен простор и има препораки тоа да не се прави ни во домовите, угостителите објекти затвораат во 18 часот, освен оние кои работат со достава, а по појавата на мутиран коронавирус во Британија, донесена е одлука да се забранат летовите дотаму и оттаму, а за тие што ќе дојдат од Британија да има двонеделен карантин.

Радио Слободна Европа