Утврдено прекршување кај дежурниот во случајот со починатата стружанка

Здравствениот работник од болницата во Охрид кој не ја примил на лекување пациентката заразена со корона на Инфективното одделение ќе одговара за неовозможување здравствена заштита, потврди директорката на Државниот здравствен инспекторат, Иринка Сотирова.

Вонредната инспекција, за појаснување на околностите од кои почина 66-годишната Стружанка, четвртата жртва во земјава, се уште трае.

Поради затворените врати на кои наишла пациентката во Охрид, за денеска беше најавено разрешување на директорката на Општата болница во Охрид, д-р Снежана Малеска. Истрага за тоа зошто пациентката не била хоспитализирана покрена и Обвинителството, а неофицијално веќе биле сослушани неколкумина сведоци поврзани со случајот. Претходно, од Итната медицинска помош – Лабуништа, за струшките медиуми изјавиле дека преживеале голгота и наишле на потсмев кај охридските колеги. Според нивните кажувања, дежурниот инфектолог не сакал ниту да и измери температура на пациентката и им посочил на вработените во Итната помош пациентката да ја одвезат до Инфективната клиника во Скопје.

Директорката на Здравствениот инспекторат истакна дека целосниот извештај, за настанот и за тоа кој се згрешил при одлучувањето во најкус можен рок, ќе го соопшти министерот за здравство Венко Филипче.

Total
0
Shares
Поврзани објави