Уставниот суд тврди дека е неутрален во политички спорови реагирајќи на пишувања во медиумите дека некои судии имале ист став со претседателот Пендаровски за доделување на мандатот за формирање на Влада.

Судот смета дека е нејасно е зошто медиумот не ги објавува имињата на уставните судии, кои наводно дале таква изјава, со што се става под знак прашалник веродостојноста на веста.

„Доколку е добиена ваква изјава, нема причина за никаква анонимност бидејќи се работи за јавно изразен став од вршител на јавна функција, а не за давање на информација на средствата за јавно информирање чија заштита е уставно гарантирана“, се вели во реакцијата на Уставниот суд.

Од судот укажуваат дека е неприфатливо да не се бара изјаснување од нивна страна само затоа што авторот на текстот сметал дека поради одредени околности нема да добие информација.

„Судот секогаш бил отворен за јавноста и доколку во случајот било побарано такво нешто, сигурно дека ќе бил даден одговор. Впрочем токму вчера, претседателот на судот, Мурати, во име на Уставниот суд, даде изјава токму за ова прашање откако еден медиум побара изјаснување од судот“, завршуваат од Уставниот суд. Р.Д.