Стратком: Во Северна Македонија има висока корупција и неказнивост на политичарите

Македонија е најмалку подложна на странски влијанија во регионот на Западен Балкан, покажува серија студии и истражувања на НАТО Центарот за извонредност во стратегиски комуникации (СТРАТКОМ). Но, сериозни проблеми и најголеми ризици се концентрацијата на моќ во политичките партии, слабите институции и недовербата на граѓаните во нив, високото ниво на корупција, неказнивоста на политичките елити и силниот политички фаворитизам.

„Севкупно, Северна Македонија има најниски вредности на индексот за севкупна пропустливост на влијанија од надвор. Сепак, беа воочени неколку загрижувачки слабости. Тоа се концентрацијата на моќ во политичките партии и слабите институции, придружено со ниската јавна доверба и политичкиот фаворитизам“, се наведува во студија на СТРАТКОМ за ризици и ранливост во Западен Балкан.

До средината на мај годинава, Стратком спровел неколку аналитички проекти во шесте земји на Западен Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Србија и Црна Гора, – анализа на продорот на странски влијанија во медиумите, студија за странски интереси и влијанија во земјите во регионот, едногодишно истражување во серија експертски работилници и длабинска анализа на четири клучни области во секоја земја со повеќе од 30 локални експерти, владини претставници, новинари, претставници на граѓанскиот сектор и на академската заедница во секоја област.

Во некои од анализите се оценува ризикот земјата да потпадне под странско влијание – индекс на пропустливост. Вредноста 1,5 се зема како граница на стабилност и мал ризик, околу 2 бара итни мерки, а веќе индекс 2,25 укажува на „загрижувачка системска слабост“.

Македонија (1,51) и Албанија (1,52) се најблизу до теоретската неутрална оценка од 1,5, односно најмалку ранливи/подложни на закани од надвор. За споредба, Босна и Херцеговина има најлош резултат на индексот на севкупна пропустливост со исклучително висока оценка од 2,05. Р.Д.

Total
0
Shares
Поврзани објави