Расчистен е патниот правец кон селото Горно Мелничани и двајца жители се евакуирани, соопшти Дирекцијата за заштита и спасување.

-По добиената дојава од страна на двајца жители на селото Горно Мелничани, општина Центар Жупа, Подрачното одделение при Дирекцијата за заштита и спасување – Дебар излезе на терен, со што направи брза процена и со дадените препораки на Општината патот е расчистен. Двајцата жители денес напладне беа успешно евакуирани, а патот може непречено да се користи, соопштија од Дирекцијата.

Од Дирекцијата велат дека и понатаму активно ќе бидат вклучени за надминување на проблемите што произлегуваат од снежните наноси во земјата. Тие апелираат до единиците на локалната самоуправа да ги стават на располагање сите свои расположливи ресурси за заштита на граѓаните во согласност со Законот за заштита и спасувањето.