Синдикатите меѓу кои и затворската полиција в сабота на протест

Соопштение на Конфедерација на слободни синдикати на Македонија.

„Гранските синдикати при Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија – КСС, неколку месеци наназад се обидуваат да воспостават социјален дијалог со надлежните претставници на министерствата и државните органи со цел преку дијалог, разрешување на одредени проблеми кои ги засегаат вработените во јавниот сектор, како и поставување на неколку легитимни барања за подобрување на социо-економскиот статус на нашите членови и вработени во одредени државни и јавни институции.

Во изминатиот период КСС ги исцрпи сите демократски можности за остварување на социјалната правда преку фер и конструктивен социјален дијалог, па затоа во последните месеци го промени курсот на делување и одпочна со организирање на локални социјални протести. КСС заедно со своите грански синдикати Ве повикува да се приклучите на активностите за остварување на нашите заеднички социјални барања.

Нашите основни барања се:

ПРИСТОЈНА ПЛАТА ЗА ПРИСТОЕН ЖИВОТ

-Зголемување на платите во јавниот сектор во висина на процентуалното покачување на минималната плата од 01.01.2019 година, согласно Закон за минимална плата, односно за 25% (прекршен е Законот за работни односи и Законот за минимална плата кои што велат: Доколку настанат социјално економски промени задолжително треба да се усогласат колективните договори во рок од 6 месеци, од кога стапува на сила покачувањето на минималната плата;

ФЕР Е КОГА Е ФЕР ЗА СИТЕ

-Бараме Владата да се откаже од идејата за трансфер од јавен во приватен сектор и да ги замрзне вработувањата во јавниот сектор, а по природен пат со пензионирање би се намалил бројот на вработени, со што ќе се зачуваат работните места;

ЕДНАКВОСТ ЗА СИТЕ

-Бараме да се признае правото на К-15 исто како и во приватниот сектор;

ПОЧИТУВАН РАБОТНИК ЗА ПОЧИТУВАНО ОПШТЕСТВО

– Целосно почитување на законите и колективните договори со кои сме заштитени како работници;

КСС повикува сите заедно на 08.06.2019 година (сабота) во Скопје со почеток во 11:00 часот, со зборно место пред Порта Македонија да тргнеме до Владата на Република Македонија и преку овој масовен протест да извршиме притисок и по пат на социјален дијалог да ги оствариме нашите барања. Без разлика на политичка, верска и национална припадност, без разлика на образовование, пол и социјален статус, да застанеме под синдикалниот бајрак да манифестираме единство, сплотеност и заедништво. Затоа што, само ова е патот, да ги заштитиме нашите права од работен однос и да ја подобриме нашата економско социјална положба. Ние не заслужуваме да бидеме несреќни. И ние имаме право на подобар живот со достоинство и просперитет. Затоа сите заедно да покажаме дека синдикалната борба никогаш не завршува, дека секогаш ќе се бориме за подобро утре, а тоа го можете само вие затоа што силата на синдикатот е неговото членство.

ДА ЖИВЕЕ КСС , ДА ЖИВЕАТ ГРАНСКИТЕ СИДИКАТИ ПРИ КСС И ДА ПОКАЖЕМЕ ДЕКА НАВИСТИНА СМЕ СИЛА НА НОВОТО ВРЕМЕ”

Total
0
Shares
Поврзани објави