Шилегов ја продаде Градска куќа на ЕВН

ЕВН Македонија е новиот сопственик на Градската куќа на кејот на Вардар. Од Град Скопје информираат дека вчера успешно заврши електронската аукција, што, посочуваат, е првата постапка за продажба на објектот на Град Скопје, кој е лоциран под скопското Кале.

-На јавниот повик објавен на ден 17.10.2019, со број 01/2019 за продажба на недвижна ствар по прв пат по пат на електронско јавно наддавање, до предвидениот рок единствено се пријави компанијата ЕВН – Македонија. Согласно со законските прописи, вчера (04.11.2019 година) се изврши електронско јавно наддавање со единствената компанија и е постигната почетната побарувана цена од Град Скопје во износ од 785.031.818 денари, соопшти Град Скопје.

Согласно со предвидените процедури од јавниот повик, се вели во соопштението, купецот треба во рок од 15 дена да ја уплати сумата, по што ќе следува потпишување на договор со кој ќе се заврши целата постапка.

Советничката група на ВМРО -ДПМНЕ соопшти:

Денес Шилегов го потврди она што Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје го говореше изминатите 2 месеци за скандалот со продажбата на Градската куќа.

Денес Шилегов потврди дека однапред се знаеше купувачот на градската куќа, а самата лицитација беше само формалност за да се озакони сомнежот за криминал.

Македонија со Шилегов и криминалците на Власт стана земја каде однапред се знае кој ќе победи на тендер, а останува само непозната висината на провизијата за приватните џебови за која се сомневаме дека постои во овој случај.  Дополнително Шилегов новиот сопственик на зградата го почасти со бесплатно државно земјиште и платени комуналии кои не се прерачунати во цената по која е продадена Градската куќа.

Петре Шилегов не дозволи увид на јавноста на објектот. Не дозволи увид во документацијата и начинот на продажбата.

Освен провизиите отворено прашуваме дали во игра е план за продажба на аткрактивното земјиште на сегашното седиште на градот кое треба да припадне на еден моќник на власта? Дали во срцето на Скопје ќе никне нова бетонска џунгла за заштита на приватните бизнис интереси на власта?

(Р.Д.)

Total
0
Shares
Поврзани објави