“Нема свети крави, никој не е заштитен и никој не е под закрила на власта“, е коментарот на министерката за одбрана Радмила Шекеринска за случајот „Рекет“. Со оглед дека името на нејзината золва, во текстовите кои ги објавува новинарот Бранко Героски беше споменувано во контекст на аферата со Боки 13, таа истакна дека нема од што да се плаши и во тој контекст направи алузија на блискоста на новинарот со екс-вицепремиерот Владимир Пешевски.

„Никој од нас нема што да скрие, меѓутоа од друга страна инсинуациите поткрепени на „рекла казала“ навистина не се корисни. Инаку и јас би можела да излезам и да кажам дека пријателот на пријателот на еден ваш колега денеска е избеган во Будимпешта. Дали тоа значи дека вашиот колега е виновен за неговото бегство? Никој паметен, никој разумен тоа не би го кажал. Затоа органите треба да си го истражат своето, а ние покажавме дека никој не е света крава. Никој не е заштитен, никој не е под закрила на власта. Напротив се покажа и дека институциите можат да функционираат без политички притисок“,

истакна Шекеринска.

Давајќи поддршка за целосна и темелна истрага, таа потенцира дека случајот „Рекет“ покажал дека веќе ништо не е исто, бидејќи, како што рече, пред три години граѓаните шепотеле за наводи за рекет и се плашеле гласно да зборуваат.

„Сега покажавме дека кога ќе има таков навод институциите моментно реагираат. Никој не е заштитен и никој не ја попречува истрагата. Од сите изјави од претставници на сите институции, особено од претставници на Владата добивте иста порака: Законот мора да важи за сите“,

изјави Шекеринска.