Се бира ректор на УКИМ – бојкот на дел од кандидатите

Изборите за ректор на државен универзитет „Св. Кирил и Методиј“ денеска треба да се одржат иако тројца кандидати ги оспоруваат . Во трка за нов ректор беа седум професори, но тројца вчера соопштија дека ќе ги бојкотираат, како што рекоа, овие недемократски избори.

Ова се први избори според новиот Закон за високо образование, мандатот на новиот ректор треба да започне во септември годинава. Роковникот со активности за постапката за избор предвидува денеска да има тајно гласање на факултетите и единиците на УКИМ, на 6 јули да има повторно гласање, по што ќе следуваат приговори, а конечните резултати треба да се објават на 9 јули.

Во трка за позицијата прв човек на УКИМ влегоа: актуелниот ректор Никола Јанкуловски од Медицинскиот факултет, професорите Јане Ацевски и Коле Василевски од Шумарскиот факултет, Александар Димитров од Технолошко-металуршкиот факултет, Петар Атанасов од Институтот за социолошко-правни истражувања, Вујица Живковиќ од Факултетот за физичко образование и Драги Димитриевски од Земјоделскиот факултет.

Меѓутоа, Атанасов, Живковиќ и Димитриевски вчера излегоа со став дека не ги признаваат и нема да учествуваат во изборите откако три дена претходно оставка поднесе претседателот и дел од членовите на седумчлената Универзитетска изборна комисија. Тие се повикаа и на Антикорупциската комисија која укажа дека изборите за ректор не треба да се спроведуваат во период кога се распишани парламентарни избори.

До Универзитетската изборна комисија тие пратија известување дека своите кандидатури ги ставаат во мирување зашто нивниот став е дека изборите за ректор треба да се одржат по парламентарните избори со легална и легитимна постапка.

Од Комисијата, пак, добија одговор дека нивните кандидатури ќе останат избор доколку не ги повлечат зашто процедурата е во тек и дека и во објавениот Роковник со активности не е предвидено мирување на постапката и мирување на кандидатурите на веќе пријавени кандидати.

Утринава Петар Атанасов еден од кандидатите им се обрати на професорите

Почитувани професори и колеги на УКИМ,

Лага е дека ние тројцата кандидати професорите Петар Атанасов, Вујица Живковиќ и Драги Димитриевски, што вчера ги ставивме нашите кандитатури во мирување, дека учествуваме на денешните избори. Ние вчера јасно и гласно кажавме дека овие избори за ректор се незаконски и дека ниту ги признаваме ниту сакаме да учествуваме на нив. Денешниот ден е обид на УКИМ да се спроведат недемократски, нелегални и насилни избори од страна на ректорот Јанкуловски и на Универзитетската изборна комисија.

Драги колеги професори и студенти, овие избори за ректор треба да се поништат. Да се прогласат за ништовни. Новиот Сенат треба да избере нова комисија за законско спроведување на изборот за ректор по парламентарните избори.

Р.Д.

Total
0
Shares
Поврзани објави