Помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања во американскиот Стејт Департмент, Филип Рикер, му прати писмо на премиерот Зоран Заев, во кое ја истакнува попддршката на САД за Северна Македонија за нејзините интеграции кон Европската Унија.

Рикер е разочаран што земјите членки на ЕУ не постигнаа согласност да ја одобрат преговарачката рамка за почеток на преговорите за членство на ЕУ за нашата земја.

„Вашата земја покажа дека е доверлив сојузник во НАТО и голем пријател на САД. Пристапувањето на вашата земја во ЕУ останува наш врвен заеднички интерес и ние ќе продолжиме да го застапуваме настојувањето и поддршката заедно со нашите европски партнери за одржување на меѓувладината конференција со Република Северна Македонија за време на германското претседателство со ЕУ“, пишува амбасадорот Филип Рикер во писмото до премиерот Заев.

Рикер, ја истакнува важноста на историскиот договор од Преспа и со Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија во 2017 година, со кој се поставени темелите за посилни односи меѓу двете земји.

„Ве охрабруваме и вас, и земјите членки на ЕУ, да продолжите да барате решение за билатералните прашања надвор од процесот за интеграција на вашата земја во ЕУ и да остварувате прогрес во овие аспирации со отворање и затворање на поглавјата во преговорите. Високо ги оценуваме вашите напори да ги водите разговорите во духот на добра волја и да одржувате посветеност во обезбедувањето европската иднина на Северна Македонија која земјата покажа дека ја заслужува“, пишува амбасадорот Рикер.

Високиот американски функционер го уверува Заев дека САД останува наш партнери со надеж дека меѓувладината конференција со Република Северна Македонија за време на германското претседателство со ЕУ ќе се одржи наскоро.