Околу 60 насто од домаќинствата во Тетово речиси 12 часа се без вода за пиење. Екипа на ЈКП Тетово сè уште го поправа дефектот на водоводниот систем откако вчера наутро пукна една од главните водоводни цевки.

„Дефектот се случи околу 11 часот, а нашите служби веднаш излегоа на терен и почнаа со санирање, поправка и замена на водоводната цевка. Станува збор за пукната стара салонитна водоводна цевка, која поради дотраеноста продолжи да пука по нејзината должина додека траеше поправката“, вели за СКД раководителот на водотехничката лабораторија на ЈКП Тетово Љуљзим Шаќири.

Тој објаснува дека старите и дотраени цевки им создаваат големи проблеми и често се случува да се оштетат или да пукнат поради големиот притисок во водоводната мрежа.

„Голем проблем, исто така, ни прави и тоа што цевките се со различни стандарди па мора дополнително да се работи на нивно поврзување. Поради ова, околу 60 проценти од градот веќе осум часови е без вода за пиење. Нашите екипи и понатаму се на теренот и работат за што побрзо санирање на дефектот“, вели Шаќири.

Од Комуналното очекуваат вечерва цевката да биде заменета. Тие работат на терен уште од 11:30 часот на улицата Цветан Димов кај СВР Тетово. Р.Д.