Поранешниот министер за финансии во првата влада на Бојко Борисов, Симеон Ѓанков во изјава за Фајненшл тајмс тврди дека фондовите на ЕУ ја зголемиле корупцијата во Бугарија, а парите се користат за директно или преку јавни набавки купување на повеќе медиуми.

Ѓанков, кој работи како истражувач на Институтот за меѓународна економија Петерсон во Вашингтон, смета дека Брисел предоцна ја сфатил заканата од корупцијата во Бугарија и дека институциите и лидерите мора да сфатат дека ако ништо не се стори, земјата и Борисов ќе се приклучат на Полска на Качински и Унгарија на Орбан.

Весникот известува дека Брисел е загрижен за толерирањето на корупцијата во земјата и за вработувањето на лојални, но неспособни луѓе во администрацијата.

Тие ги пренесуваат гласините дека ЕУ не успеала да изврши притисок врз Софија за подобрување на управувањето со државата, а нервозата пораснала во последните неколку недели и затоа што Бугарија ги блокира разговорите за пристап на Северна Македонија.

„Ветото го става целиот европски проект  во опасност, вели Весела Чернева, директорка на канцеларијата на Софија на Европскиот совет за надворешни односи.