Подготвени сме за најважниот натпревар, велат македонските репрезентативци

Македонската фудбалска репрезентација со денешниот тренинг ги завршува подготовките за утрешниот натпревар против Украина во рамки на второто коло во групата Ц на ЕУРО2020.

Селекторот Игор Ангеловски на попладневната официјална прес-конференција истакна дека тимот е подготвен за она што следува за најважниот меч кој веројатно оваа генерација ќе го игра.

– Најважната лекција е дека повторно веруваме дека имаме квалитет, затоа што до 80. минута имавме активен резултат против Австрија. Не се браневме, не игравме бункер дури имавме и ситуации да поведеме. Сепак, тоа не успеавме да го направиме, примивме гол по пад на концентрација. Сепак, следува меч со Украина, мислам дека имаме ситуација во која можеме да се поправиме на резултатски план, истакна Ангеловски.

Додаде дека дојдени се на ЕУРО со цел да се пласираат во втората фаза и оти таа фаза за нив е активна.

– Имаме пред нас ривал кој исто така има нула бодови, што значи дека ова за нас е финале. И да не успееме нема да биде трагедија, а нормално дека ќе дадеме се од себе. Украинците се квалитетни, тоа го покажаа и против Холандија. Имаат одлични индивидуалци, но и ние имаме квалитет и покажавме дека можеме да се носиме со сите, оцени македонскиот селектор.

Десниот бел Стефан Ристовски истакна дека тимот е подготвен и физички и психички и дека не смее да се дозволи пад на атмосферата и некакво алиби за слаб настап.

– Професионалци сме и не смееме да дозволиме пад на атмосфера. Ова е големо натпреварување, ние не смееме да дозволиме ништо да не деконцентрира. Следуваат уште два меча, ќе го дадеме максимумот. Овде не дојдовме како туристи, имаме огромен квалитет. Со три блока, со бранење на нашиот гол и брзи контри да го изненадиме противникот. Кога играте со вакви селекции мора да сте подготвен за се. Со Австрија се подготвувавме за едно, а тие излегоа со пет дефанзивци. Секој се обидува да те изненади, изјави Ристовски.

Total
0
Shares
Поврзани објави