Шри Ланка забранува облека што го покрива лицето. Тоа се наведува во соопштение од Кабинетот на претседателот на државата.  Забраната за покривање на лицето влегува во сила денеска.

Таа мерка е резултат на вонредната состојба по серијата смртоносни експлозии на Велигден, во кои загинаа повеќе од 250 луѓе, а 500 беа повредени.

Забраната стапува во сила само неколку денови откако муслиманските свештеници ги повикаа жените да не ги покриваат лицата.

Муслиманите во земјата се околу 10 отсто од 21-милионското население.

Претставници на силите за безбедност денеска предупредија дека исламисти кои беа одговорни за нападите од Велигден, планираат нови напади, при што ќе користат минибус и напаѓачи кои ќе бидат облечени како војници. Во предупредувањето се додава дека тие напади можно е да бидат извршени денеска на најмалку пет места.