Државната комисија за спречување на корупцијата бараше до обвинителствот утврдување кривична одговорност за ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Никола Јанкуловски, кој наводно незаконски земал две плати, една од клиниката за дигестивна хирургија и една како ректор на УКИМ. По изборот како ректор, тој не го ставил во мирување своето работно место на дигестивна хирургија, а согласно законот – требало, беше заклучокот на ДКСК.
Денеска Јавното обвинителство одлучи дека нема сомнение и простор за поведување постапка и ја одби иницијативата за кривично гонење. Во продолжение целото образложение на обвинителството

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Решение за отфрлање на иницијативата за поведување постапка за кривично гонење поднесена од Државната комисија за спречување на корупцијата против ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.

По спроведена предистражна постапка, надлежен јавен обвинител констатираше дека нема основано сомнение дека пријавениот ги сторил кривичните дела – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 3 во врска со став 1, Измама во службата по член 355 став 3 во врска со став 1, како и Несовесно работење во службата по член 353-в став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Имено, во иницијативата за поведување постапка за кривично гонење се наведуваше дека пријавениот професор, како службено лице – ректор на Универзитетот, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, а на штета на Буџетот, не го ставил во мирување својот работен однос во ЈЗУ Универзитетска клиника за дигестивна хирургија за време на извршувањето на ректорската должност. На овој начин, тој во периодот од 15.09.2016 година прибавил за себе имотна корист во износ од 2.450.000 денари по основ на плата од работен однос кој бил должен да побара да му биде ставен во мирување.

Заради проверка на наводите во пријавата, јавниот обвинител ја прибра целокупната материјална документација и сослуша повеќе лица. Од анализата на материјалните и вербалните докази во предметот произлезе дека пријавениот професор е во редовен работен однос со ЈЗУ Универзитетска клиника за дигестивна хирургија во својство на професор-здравствен работник, каде што ги остварува сите права по основ на плата, пензиско, здравствено и социјално осигурување. Во исто време тој е и редовен професор на Медицинскиот факултет во Скопје, каде што извршува научна и едукативна дејност. По стапувањето на функцијата ректор на Универзитетот, согласно закон и склучен договор со Универзитетскиот Сенат,  тој за ангажманот добива соодветен функционален надоместок, кој не може да се третира како плата.

Од вербалните факти – исказите на сведоците, произлезе дека во целата досегашна практика на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, сите досегашни ректори имале склучено вакви договори со кои се регулирале нивите права и обврски и тие договори биле во целост почитувани и исполнети.

Имајќи ги предвид сите анализирани докази, надлежниот јавен обвинител оцени дека во конкретниот предмет не постои основ за поведување кривична постапка и донесе Решение за отфрлање на поднесената иницијатива.

соопштение ЈО