НОВА ТВ: Фросина Ременски осомничена во Рекет

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска донесе наредба за спроведување истражна постапка против пет физички лица и едно правно лице, поради постоење основано сомнение дека првоосомничениот сторил продолжено кривично дело „измама“ и кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“.

Останатите лица се сомничат дека помагале при извршување на кривичното дело „измама“, а тројца од нив се сомничат дека помагале и при извршување на кривичното дело „перење пари и други приноси од казниво дело.

Потпретседателката на Собранието Фросина Ременски е осомничена во „Рекет“ дознава НОВА од извори во истрагата. Таа е опфатена со проширената истрага против нови четири лица осомничени за перење пари, измама и помагање во измама, во делот на исплатата на средства за наводната изградба на старечки домови на сметката на Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски.

Како што денеска соопшти Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, правното лице се сомничи дека сторило кривично дело „измама“ по член 247 став 8 во врска со став 4, врска со став 1 од Кривичниот законик.

– Врз основа на предистражната постапка обвинителот што раководи со постапката, дојде до сознанија што укажуваат дека во периодот од јули 2017 година до април 2018 година, првоосомничениот како претседател на осомниченото правно лице, искористувајќи документи од правното лице, довел и одржувал во заблуда двајца управители на две друштва за градежништво. Тој, лажно прикажувајќи дека ќе обезбеди државно неизградено земјиште за изградба на центар за возрасни лица и мобилен сервис, а потоа и субвенционирање од страна на државата, од оштетените преку авторска агенција успеал да добие парични средства од 719.905 евра од едното правно лице и 233.821 евра од другото. Останатите осомничени лица со умисла му помагале на првоосомничениот во извршувањето на кривичните дела изготвувајќи договори, подигнувајќи ги уплатените средства и уплаќајќи средства на други правни лица по основ на позајмица или донација, се појаснува во соопштението.

Едно од осомничените лица како функционер, заедно со првоосомничениот, се подвлекува во соопштението, присуствувало на средбите организирани од првоосомничениот, при што го искористило својот углед и авторитет и оштетените стекнале впечаток дека зад понудените проекти стои извршната власт.

– Ценејќи дека се исполнети законските услови за определување на мерки за обезбедување на присуство на осомничените, надлежниот јавен обвинител до судијата на предходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје во текот на денот ќе достави Предлог за определување на мерка притвор за едно лице и мерки на претпазливост за останатите осомничени лица. Првоосомничениот во рамки на друга постапка се наоѓа во притвор, соопштуваат од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, денеска одговарајќи на новинарски прашања, најави дека предметот „Рекет“ не е целосно исцрпен, бидејќи обвинителството работи на утврдување на факти и околности и за други две-три дејствија.

– Во текот на денешниот ден ќе отвориме истрага уште против четири лица. Дел од тие лица беа на распит, а дел ќе бидат повикани на распит деновиве, рече Јовески.

Додаде дека тоа ќе биде во делот на дејствијата посочени од новинарите, во делот на исплатата на средствата од 720.000 евра од битолската фирма.

nova.tv

Total
0
Shares
Поврзани објави