Бугарија нема да дозволи Северна Македонија да отпочне преговори со Европската унија на следниот министерски совет на Унијата, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Амбасадорите на земјите членки на ЕУ денеска ги разгледувале заклучоците што треба да се усвојат на 8 декември од страна на министрите за европски работи, во кои е отстранета опцијата за вклучување на датум за одржување на првите меѓувладини конференции со Албанија и Македонија поради ветото на Софија за Скопје.

„Со оглед на ситуацијата можам да кажам дека нема многу надеж за меѓувладина конференција и отпочнување на преговорите со Македонија оваа година поради ветото на Бугарија, изјавил за МИА дипломат од западна земја членка на ЕУ.

Бугарија на денешниот амбасадорски состанок повторила дека нема да поддржи Македонија на идниот министерски состанок на 8 декември да отпочне преговори.

За Албанија ситуацијата е нејасна, велат од Советот, поради тоа што на земјата уште во претходните министерски заклучоци и беа наложени дополнителни услови.