Mинистерот Адеми, заменик-министерот Нухиу и директорот Емрули ќе останат без професорски звања?

Државниот просветен инспектор Ѓорѓи Илиевски бара од Правниот факултет при Државниот универзитет во Тетово да ги поништи одлуките за избор во наставно-научни звања на тројцата државни функционери, министерот за образование и наука Арбер Адеми, заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нухиу и директорот на Државниот завод за индустриска сопственост, Сафет Емрули. Тоа го пишува и во решенијата испратени до тетовскиот универзитет, до кои дојдовме, пишува Fakulteti.mk
Илиевски за Факултети.мк објаснува дека записниците ги доставил до тетовскиот универзитет и ги примиле на 18 април, но решенијата кои се обврзувачки за универзитетот, со право на жалба до второстепена комисија, одбиваат да ги примат.

Што пишува во решенијата?

Во сите три решенија Илиевски, во согласност со неговите надлежности, практично му наредува на тетовскиот универзитет да постапи според неговите записници.

Во решението кое се однесува на министерот Арбер Адеми пишува:

„Се наредува на Универзитет Тетово – Правен факултет-Тетово како правно лице, нa одговорното лице во правното лице да се произнесат по записникот од 15.04.2019 година, и да ја отстранат незаконитоста и тоа: Да се почитува и доследно да се спроведе член 135 став 3 од Законот за високото образование цитирам: ‘Времето за распишување конкурс се продолжува за времето кое е поминато на породилно отсуство, боледување подолго од шест месеци, како и мирување на работниот однос во случаи определени со закон’“.
Решението за Арбер Адеми

Илиевски ја поништува донесената одлука бр.04-475/1 од 15.02.2017 година, на д-р Арбер Адеми за избор во наставно-научно звање доцент за предметите меѓународно приватно право, арбитражно право на Правниот факултет во Тетово.
Тој дава рок од 8 дена од денот на приемот на решението, да го известат просветниот инспектор за преземените мерки согласно член 31 став 5 од Законот за просветна инспекција.

Во решението за директорот на Државниот завод за индустриска сопственост, Сафет Емрули, пишува дека се поништуваат одлуките на м-р сц. Сафет Емрули за избор во звање асистент по предметите вовед во право и административно право на УТ-Правниот факултет во Тетово, за избор во звање доцент по предметите политички систем, финансиско право на УТ-Правниот факултет во Тетово и одлуката за избор во звање вонреден професор по предметите политички систем и финансиско право на УТ-Правниот факултет во Тетово.
Решението за Сафет Емрули

ДУТ нема право да го одложи решението

Во решението за заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нухиу пишува:
„Се поништува донесената Одлука бр.04-3820/1 од 03.11.2017 година, на доц. д-р Агим Нухиу за избор во наставно-научно звање вонреден професор по предметите граѓанско право, граѓанско процесно право на УТ-Правниот факултет во Тетово“.

Во согласност со Законот за просветна инспекција и законските овластувања што ги има просветниот инспектор, тој составува записник, па потоа носи решение согласно член 31 став 2 со кое му наредува на органот (во случајот ДУТ) во рок од осум дена да постапи според него (во овој случај да ги поништи одлуките за избор во наставно-научни звања на тројцата функционери).
Решението за Агим Нухиу

Според Законот, ДУТ нема право да го одложи решението и мора да ја спроведе одлуката на инспекторот, но има право на жалба против неговото решение до второстепената комисија.
Тетовски универзитет не се изјаснил за неговите решенија, а за записниците на Илиевски се произнеле на 8 мај. Тој ни го покажа и овој документ.

– Јас овој документ не го добив лично, туку ми беше даден на состанок во Државниот просветен инспекторат. А треба да го добијам на мое име. Од ДУТ се изјасниле дека имаат проблем со дефицит на наставно-научен кадар и дека бараат решенија. Тие всушност се повикуваат на новиот член од Законот за високо образование, според кој на барање на лицата, рокот за мирување на работното место не мора да се продолжи. Но, оваа одредба не може да важи ретроактивно за овие тројца функционери бидејќи тогаш Законот бил поинаков – вели Илиевски.
Токму на оваа одредба од новиот Закон се повика и министерот за образование и наука Адеми, во изјавата за Факултети.мк.

– Инаку, сега со новиот Закон за високо образование експлицитно е регулирано дека може да се биде унапреден во звање ако има континуитет. По барање на самата странка може да се отвори конкурс за реизбор – ни изјави Адеми.

Во новиот Закон за високо образование, став 3 во членот 176 пишува:
„Времето за распишување на конкурсот од ставот (1) на овој член се продолжува за времето кое е поминато на породилно отсуство, боледување подолго од три месеци, како и мирување на работниот однос во случаи определени со Закон. На барање на лицето, рокот не мора да се продолжи“.

Но, во претходниот Закон, во истата одредба ја нема последната реченица, односно лицето немало избор дали рокот за мирување на работното место може да се продолжи.
Вратените решенија на Илиевски од тетовскиот универзитет

Минатата недела, како што објави Факултети.мк, просветниот инспектор Ѓорѓи Илиевски излезе со тврдење дека тројца државни функционери незаконски се стекнале со наставно-научни звања на тетовскиот универзитет бидејќи во тој период работните места им биле во мирување. Случајот го истражува и Државната комисија за спречување корупција, бидејќи Илиевски и таму поднел претставка.

целото истражување фотографиите и текстот се сопственост и превземени од fakulteti.mk

Total
0
Shares
Поврзани објави