Пратеникот на ВМРО – ДПМНЕ Антонио Милошоски, тврди Бугарија предлага Гоце Делчев да биде Македонец во регионална смисла, а Бугарин по етничка припадност.

Милошоски смета дека Заев и Борисов треба да постигнат согласнот за бугарскиот предлог на 11 ноември за време на Берлинскиот процес во Софија.

Тој оценува дека слична дефиниција би се применила и на многу други историски личности, како Даме Груев, Никола Карев, Ѓорче Петров, Панко Брашнаров, Киро Глигоров.

Владата негира дека постои бугарски предлог за фигурата на Гоце Делчев оценувајќи го тврдењто на Милошоски како шпекулација и невистина.

„Таков предлог не постои, ниту бил предмет на дискусија, а изнесеното тврдење на пратеникот Милошоски е груба шпекулација и само нанесува штета на процесот што го води заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања“, велат од Влада.

Поранешниот бугарски амбасадор во земјава Јорданов во долга фејсбук објава вели дека спорот за Гоце Делчев е апсурден.

„Дека тој е Бугарин докажуваат не само „документите“ како што би рекол Антон Тодоров. РС Македонија преживеа, зашто семката ѝ е бугарска . Зашто нема иднина без минато и зашто „заедничката историја“ создава само еден заеднички народ“ изјави Александар Јорданов.