СДСМ треба да одговори на прашањето чие е возилото „бентли“ со струмички регистерски ознаки кое што го следи лидерот на опозицијата, порача опозициската ВМРО-ДПМНЕ, oткако СДСМ праша дали Мицковски се сретнал со екс-премиерот кој побегна во Будимпешта Никола Груевски.

ВМРО-ДПМНЕ тврди дека Мицкоски патувал во Виена со приватниот автомобил поради научни цели, но во близина на Будимпешта на враќање кон Скопје, неговото возило било следено од возило од марката „бентли“ со струмички регистерски таблички, кое било управувано од роднина на премиерот Зоран Заев.

Од партијата бараат СДСМ да одговори кој го управувал и кој издал наредба за да се следи и снима лидерот на опозицијата, како и која е целта на следењето и кој го финансира.

„Веруваме дека тоа е и изворот на тенденциозноста на ваквите дезинформации кои се појавија во одредени медиуми, што само ја потврдува безидејноста на власта, обидите за дефокусирање од вистинските теми и нервозата присутна поради слабата поддршка од граѓаните“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.