Meдицински oтпaд непpoписно се тpeтирал во Дрисла

https://www.facebook.com/CityofSkopje/videos/2553186868234826/

Градот Скопје пред педесетина дена, преку вонреден инспекциски надзор дошол до сериозен доказен материјал за злоупотреба во менаџирањето со отпадот на територија на Скопје. За тоа, како што информира денеска на прес конференција градоначалникот Петре Шилегов, навремено биле известени надлежните институции. Денеска пред медиумите беа презентирани фотографии и видео материјали од остатоци од медицински отпад, меѓу кои и делови од човечки органи од болниците во Битола и Прилеп, пренесува Слободен печат.

„Наместо термички да биде обработен и стерилизиран, се случувало медицинскиот отпад да завршува во Дрисла како обичен отпад. Пријавено е до Јавното обвинителство, но оттаму немаме информација за преземени било какви дејствија и дали воопшто официјално е започната истрага. Според нашите сознанија, сторителот се покрива со документација од друга државна надлежна институција“ – рече Шилегов.

Овој случај го открил главниот инспектор на Град Скопје, Мирослав Богдановски којшто реагирал професионално и одговорно затоа што имал многу дојави од граѓани дека во кругот на фирмата подолго време се случува нешто сомнително, се шири непријатен мирис и дека отпадот не се третира соодветно. Загрижен дека ниту една друга институција не презема никакви мерки за да ги заштити граѓаните кои живеат во околината на фирмата од можни заразни болести, Богдановски бил приморан да влезе и да ги фати на дело како вршат несоодветно третирање на опасен отпад. На прес-конференцијата, инспекторот Богдановски детално ги образложи фотографиите и видеоматеријалот кои експлицитно го потврдуваат ужасот што претставува потенцијална бомба за епидемија.

– Машината за преработка на медицинскиот отпад за време на контролата не беше во функција и отпадот не беше соодветно третиран, со што отвораше можност за ширење опасни зарази по животот на луѓето и животните. Медицинскиот отпад се обработуваше во машина за сечење која што само го дроби отпадот, но не ги уништува бактериите. Таквиот непреработен медицински отпад го префрлаа во камион којшто не е соодветен за транспорт на ваков тип инфективен и опасен отпад за потоа да биде транспортиран во „Дрисла“ како обичен отпад – објасни Богдановски.

Шилегов побара од Јавното Обвинителство веднаш да почне истрага за овој случај.

„Барам Јавното Обвинителство веднаш да покрене истрага за овој скандал, а од Министерството за животна средина барам во целост да го испита работењето на сите субјекти кои се во нивна надлежност, особено за тие кои имаат дозвола за работа со медицински и друг опасен отпад“ – дециден беше Шилегов.

Од 20 јануари, Дрисла има забрана да прима медицински отпад којшто бил депониран како обичен комунален отпад, доколку не е соодветно обработен. Според прописите за работи, отпадот треба прво термички да се обработи, а потоа да се исецка, а потоа да се достави во Дрисла за депонирање.

Инсенераторот во Дрисла работи, а стерилизаторот е во фаза на набавка, се очекува да се пушти во употреба во почетокот на април.

Total
0
Shares
Поврзани објави