Катица Јанева: Активни судии работеле за Мијалков и Груевски

Специјалното јавно обвинителство денеска освен шестмесечниот извештај доставува до јавноста и посебен извештај со наведување на имиња на неколкумина судии на високи позиции за кои потенцира дека со овој извештај ги идентификува тековните пречки за изрекување на соодветни санкции или поправни мерки за таквото несоодветно судско постапување и дава препораки до Собранието на Република Македонија во однос на поправното законодавство.
И овој извештај Ви го презентираме во целост:

Скопје, 15.09.2018 година
Посебен извештај
Со сета должна почит, Јавниот обвинител за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите го доставува овој извештај до Собранието на Република Македонија согласно член 7 став 1 од Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.
Овој извештај ги резимира доказите за несоодветно судско постапување содржани во неовластеното следење на комуникациите, како што се дефинирани во член 2 став 1 од Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. Покрај тоа, овој извештај ги идентификува тековните пречки за изрекување на соодветни санкции или поправни мерки за таквото несоодветно судско постапување и дава препораки до Собранието на Република Македонија во однос на поправното законодавство.
Неовластените прислушувања резимирани во овој извештај покажуваат интеракции помеѓу високи функционери во судството и членови на Владата на Република Македонија кои во основа ја поткопуваат судската власт. Неовластените прислушувања откриваат разговори во кои членовите на судството се откажуваат од својата независност и непристрасност за да ги унапредат интересите на владата или нивните сопствени интереси. Таквата комуникација несомнено дека остава простор за создавање на недоверба кај јавноста во целиот судски систем.
Целта на поднесувањето на овој Посебен извештај не е единствено за да се документира минато несоодветно постапување. Без вклученост на Собранието на Република Македонија и неопходниот внатрешен и надворешен надзор над високите чинители на судскиот систем, разумно е јавноста да верува дека слични несоодветни влијанија врз судските назначувања и одлуките во важни случаи ќе продолжат и понатаму. Често се вели дека „минатото е пролог“. Во оваа насока, овој Посебен извештај се поднесува за ваквото несоодветно постапување да не продолжи да го поткопува владеењето на правото во Република Македонија и да ја попречува евроатланската интеграција на нашата земја.
Правна основа за анализирање на доказите и поднесување на овој извештај до Собранието
Согласно член 5 од Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, Специјалниот јавен обвинител е надлежен и овластен да истражува и гони кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластеното следење на сите комуникации извршено во периодот помеѓу 2008 и 2015 година, вклучително, но не и ограничено на аудио снимки и транскрипти поднесени до Јавното обвинителство пред 15 јули 2015 година.
Аудио материјалите, смс пораките и трнаскриптите кои беа доставени до Јавното обвинителство со кое раководам, како и бројните информации и докази кои беа прибавени во текот на предистражните и истражните постапки кои се водат пред обвинителството покажуваат дека во изминатиот период политичкото влијание било главен креатор на судската власт. Нелигитимното договарање меѓу носители на високи функции на извршната и судската власт при изборот на судии кој се вршел надвор од законските процедури, повреда на одредбите за инкомпатибилност на судската функција со вршење на друга јавна функција, работа или дејност, директното мешање во вршењето на судиската функција, запознавање на неповикани лица со информации до кои судиите доаѓале при вршење на судиската функција, се само дел од начините со кои се вршело поткопување на темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија за владеење на правото и за поделба на власта на законодавна, извршна и судска.
Правна рамка за контрола на работењето на судиите и членовите на Судскиот совет
Довербата на граѓаните во независно, непристрасно и ефикасно судство, ослободено од политички влијанија и притисоци, обезбедување на владеење на правото и обезбедување еднаквост на сите граѓани пред Уставот и законите, а особено стручноста, компетентноста, совесноста и личниот интегритет на судиите се основните принципи на демократското функционирање на судскиот систем и истите претставуваат основен предуслов за квалитетот на правдата и правораздавањето. Основните вредности на меѓународната заедница подразбираат дека независен и непристрасен суд претставува гаранција за владеењето на правото и заштита на уставниот поредок, дека јавната доверба во судскиот систем е од најголема важност во демократското општество поради што од особено значење е судиите да ја почитуваат судиската функција во оваа смисла, да се придржуваат до високите стандарди на поведение имајќи предвид дека недоличното однесување е удар за моралниот авторитет на судот, како и да имаат предвид дека нивна должност и одговорност е унапредувањето на професионалните и лични стандарди на однесување при вршење на судиската функција.
Водејќи се од меѓународно прифатените стандарди, Уставот на Република Македонија гарантира независност на судството преку уставната одредба од член 98 став 2 која гласи: „Судовите се самостојни и независни.“ Одредувајќи ја генералната правна рамка за позиционираноста на судската власт, Уставот предвидува и заштитни механизми, како и посебни органи во насока на обезбедување реална независност на судската власт во однос на органите на законодавната и извршната власт, во однос на државните и сите други институции, особено во однос на политичките центри на моќ. Ваквите уставни интенции произлегуваат од член 104 од Уставот на Република Македонија во кој се вели: „Судскиот совет на Република Македонија е самостоен и независен орган на судството. Советот ја обезбедува и ја гарантира самостојноста и независноста на судската власт.“
И покрај експлицитните законски забрани за партиска и политичка активност на судиите, забраните за политичко организирање и дејствување на Судскиот совет, како и забраните за вршење партиска активност на членовите на Советот, реалната состојба во Република Македонија оценета преку извештаите на меѓународниот фактор, но пред сѐ оценета преку перцепцијата на обичниот граѓанин покажува дека независноста на судството останува само идеја запишана во законите.
Судскиот совет на Република Македонија е надлежен за контролата на работењето на судиите и санкционирањето на неправилностите при вршење на судиската функција преку поведување постапка за утврдување на одговорност на судија или претседател на суд. Законските решенија предвидуваат две основи за разрешување од судиската функција: поради потешка дисциплинска повреда што го прави судијата недостоен за вршење на судиската функција пропишана со закон и поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција под услови утврдени со закон.
Законот за судовите го дефинира поимот нестручно и несовесно вршење на судиската функција како незадоволителна стручност или несовесност на судијата што влијае на квалитетот и ажурноста во работењето, притоа таксативно наведувајќи ги следните поведенија: две последователни негативни оценки за успешност во работењето, несовесно, ненавремено или немарно вршење на судиската функција во водењето на судските постапки, пристрасно водење на судската постапка особено во однос на еднаквиот третман на странките, постапување спротивно на начелото за судење во разумен рок, неовластено издавање на класифицирани информации, јавно изнесување на информации и податоци за судски предмети за кои не е правосилно одлучено, намерно повредување на правилата за правично судење, злоупотребување на положбата или пречекорување на службените овластувања, повреда на прописите или на друг начин нарушување на независноста на судиите при судење и грубо повредување на правилата на Судискиот кодекс со кој се нарушува угледот на судиската функција и ако со пресуда на Европскиот суд за човекови права е утврдена повреда од членовите 5 и 6 од Европската конвенција за човекови права.
Во однос на дисциплинските повреди, Законот за судовите прави дистинкција меѓу потешка дисциплинска повреда за која се поведува постапка за утврдување на одговорност на судија како основ за разрешување и дисциплинска повреда за која се поведува постапка за утврдување на одговорност на судија за која ќе се изрече дисциплинска мерка, притоа исто така таксативно дефинирајќи повеќе категории на повреди. Како дисциплински мерки кои може да се изречат законот предвидува писмена опомена, јавен укор, упатување на дополнителни часови стручна обука во Академијата за судии и јавни обвинители и намалување на платата.
Постапката за утврдување на одговорност на судија или претседател на суд се поведува во рок од шест месеци од денот на осознавање на сторената повреда, но не подоцна од три години од денот на сторувањето на повредата.
Во насока на дополнување и зацврстување на правната рамка која треба да гарантира независно судство по препорака на меѓународната заедница и во согласност со меѓународните стандарди усвоен е Кодекс на судиска етика за судиите во Република Македонија и Етички кодекс за членовите на Судскиот совет на Република Македонија. Додека прекршувањето на принципите содржани во Кодексот на судиска етика повлекуваат санкции, повредата на Етичкиот кодекс за членовите на Судскиот совет повлекува само морална одговорност.
Помеѓу правната рамка која гарантира независно судство и судството во пракса неминовно е постоењето на независен дух на вршителите на судиската функција. Токму нивната независност како индивидуи е суштествена за здраво функционирање на судскиот систем, а таквата независност може да се оствари единствено со промена на однесувањето на судиите и промена на свеста за нивното општествено значење. Вршителите на судиската функција треба да бидат лица со способност, интегритет и соодветни правни квалификации, а нивниот избор не смее во јавноста да поттикнува сомнеж за назначување од било кои други мотиви. Имајќи предвид дека судиската функција пред сѐ подразбира голема моќ чија што употреба повлекува длабоки и далекусежни последици во животот на граѓаните, потребен е висок степен на општествена свесност дека таквата моќ не треба да биде дадена на индивидуи чија чесност, професионални и лични стандарди се дискутабилни.
Александра Зафировска
– резиме на снимки Член 3 од Законот за Судскиот совет на Република Македонија е дециден: „Советот со својата работа оневозможува политичко влијание во судството.“ Но, јавно објавените телефонски разговори меѓу Александра Зафировска, тогашен претседател на Судскиот совет на Република Македонија со високи функционери во Владата на Република Македонија, како и необјавените телефонски комуникации кои ги поседува ова Јавно обвинителство се јасен показател дека истата со своето постапување не само што не го оневозможила политичкото влијание во судството, туку напротив ширум ја отворила вратата овозможувајќи и на тогашната владеачка политичка партија да ги земе во целост под своја контрола институциите на судскиот систем преку нарачани и договорени избори на судии, директно интервенирање во носење на судски одлуки, корупција, реваншизам и воопшто со еден збор политизирање на сите сегменти на судската власт.
Од доказите со кои располага ова Јавно обвинителство, особено телефонските разговори на Александра Зафировска, во периодот од 2011 година до 2013 година, а од кои дел беа и јавно објавени, произлегува дека истата додека ја вршела функцијата претседател на Судски совет на Република Македонија, била во постојана координација со извршната власт. Содржината на аудио материјалите несомнено упатува на заклучок дека тогашниот премиер на Владата на Република Македонија не само што бил известуван и консултиран при носењето на најзначајните одлуки на Судскиот совет, туку истиот имал клучна улога при изборот на судии и стручни соработници.
Тогашниот претседател на Судскиот совет на Република Македонија, Премиерот на Владата на Република Македонија, министерот за правда, министерот за внатрешни работи и директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање одлучувале за избор на „подобни“ судии и разрешување на „неподобни“ судии, стручните соработници ги бирале според партиски списоци, ја менаџирале работата на судовите, интервенирале во судски постапки итн. Потврда за постоењето на бројни неправилности и груби злоупотреби се констатирани и во Извештајот од извршен увид во функционалноста на информатичкиот систем и надзор над примената на одредбите од Судскиот деловник, изготвен од Министерството за правда, чија што содржина пред сѐ го идентификува очигледното нефункционирање на Судскиот совет.
– очигледни повреди
Евидентно е дека уставните гаранции за независност и самостојност на овој орган на судството и постоечките законски решенија недоволно може да одговорат на постојаните влијанија и политички притисоци. Недоволни се и востановените стандарди за етичко и морално однесување кои членовите на Советот ги прифаќаат како лична и професионална заложба. Се чини не постои одредба од Етичкиот кодекс за членовите на Судскиот совет на Република Македонија, а која останала неповредена од непрофесионалното однесување на Александра Зафировска. Оттука се поставува прашањето дали државата останува беспомошна во санкционирањето на ваквите појави имајќи предвид дека Александра Зафировска и во моментот е член на Судскиот совет и од неа се очекува како поединец да ја унапреди независноста и функционалноста на судството.
Јово Вангеловски
– резиме на снимки
Врховниот суд на Република Македонија како највисока судска инстанца се смета за чувар на сигурноста на правниот систем обезбедувајќи единство во примената на законите од страна на судовите. Стекнувањето доверба во оваа институција чија основна и најважна улога е улогата на краен коректив во судските постапувања подразбира не само доверба во неговата функционалност како орган, туку и доверба во професионалноста и личниот пример на врховните судии, а секако пред сѐ во моралниот авторитет, чесноста и правичноста на првиот судија – претседателот на Врховниот суд.
Сознанијата до кои дојде ова Јавното обвинителство при своето тековно работење, на кои секако се надоврзува јавно објавениот разговор меѓу Јово Вангеловски како претседател на Врховниот суд на Република Македонија и Миле Јанакиески како министер за транспорт и врски, како и необјавени разговори остварени од страна на Јово Вангеловски во 2011 и 2012 година покажуваат непрофесионално и несовесно извршување на функцијата претседател на Врховниот суд на Република Македонија, на начин што истиот во повеќе наврати на свои соговорници им изнесувал информации од судските постапки кои се водат пред Врховниот суд, интервенирал кај други судии за предметите и давал сугестии за постапувањето.
– очигледни повреди
Повеќекратната повреда на член 75 од Законот за судовите односно нестручното и несовесното вршење на судиската функција изразено како несовесно, ненавремено или немарно вршење на судската функција во водењето на судската постапка по одделни предмети, јавно изнесување на информации и податоци за судски предмети за кои не е правосилно одлучено, злоупотребување на положбата или пречекорување на службените овластувања, повреда на прописите или на друг начин нарушување на независноста на судиите при судење и грубо повредување на правилата на Судискиот кодекс со кој се нарушува угледот на судиската функција го наметнуваат прашањето дали неможноста за санкционирање на ваквото поведение и натаму ќе продолжи да ја детерминира позицијата на судската власт? Дали Република Македонија како држава која претендира да се вклучи во европското семејство поседува капацитет, сила и одлучност да се справи со минатите и актуелни состојби во судството и дали новото трасирање на демократските патеки по кои треба да се движат институциите на системот може да се очекува од индивидуи чија биографија е одраз на непрофесионалност и нестручност? Ова дотолку повеќе што Извештајот на Министерството за правда повторно нотира бројни неправилности во работењето на Врховниот суд на Република Македонија чиј актуелен претседател од 13.03.2017 година е Јово Вангеловски. Притоа во делот за работењето на Врховниот суд на страна 4 и 5 од истиот е наведено: „Во 2017 распоредот бил сменет 9 пати. Со честите промени во Годишниот распоред за работа на судот се влијае на составот на советите кои одлучуваат по предметите, што повлекува и рачна прераспределба на предмети. За распределбите постои писмена одлука од претседателот на судот, но истата не е во согласност со одредбите на Судскиот деловник. На овој начин случајниот избор на судија со автоматската рапределба на предметите се суспендира и наместо случаен избор на судија се добива очекуван избор на судија.“
Софија Лаличиќ
– резиме на снимки
Јавно објавените телефонски разговори презентирани на прес конференција на политичката партија СДСМ, одржана на 19.03.2015 година, ја запознаа јавноста со начинот на кој биле избирани судиите во Република Македонија. Содржината на јавно објавениот телефонски разговор меѓу Софија Лаличиќ и Сашо Мијалков, тогашен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, кој во таа прилика и соопштува дека е избрана за судија претставува само илустрација на спрегата меѓу извршната и судската власт. Јавното обвинителство поседува аудио материјали од телефонски разговори, како и смс комуникација остварена од Софија Лаличиќ, судија во Основен суд Скопје 1 Скопје, кои не само што зборуваат за нејзиниот нелегитимен избор за судија, туку зборуваат и за непостоењето на личен интегритет и кредибилитет како основен предуслов за вршење на судиската функција. Од содржината на поголем број телефонски разговори остварени пред изборот за судија на Софија Лаличиќ произлегува дека повеќе од една година пред да биде избрана за судија и била ветена судиска функција.
Имено, изборот за судија на Лаличиќ бил оддамна планиран и однапред договорен, а во нејзиното незаконско избирање за судија биле инволвирани одредени членови од Судскиот совет на Република Македонија, високи функционери од извршната и судската власт, а со особен придонес на тогашниот директор на УБК
Сашо Мијалков. Интервјуирањето на кандидатите пријавени на конкурсот за избор на судии го спроведувале две комисии. Знаејќи дека одредени членови од Судскиот совет на Република Македонија се повикуваат на состаноците на кои функционери на извршната и судската власт договарале кој ќе биде избран за судија, Софија Лаличиќ неслучајно одбрала да влезе на интервју пред комисијата во чиј состав биле некои од тие членови. Договорен бил и начинот на кој таа ќе биде предложена за избор, како и едногласното прифаќање на тој предлог, при што особено се внимавало да не биде очигледно од кои причини истата била фаворизирана пред другите кандидати. Внимателно бил одбран дури и моментот на која седница на Судскиот совет ќе биде извршен изборот, така што било договорено тоа да биде на седница на која ќе се бираат кандидати од два одделни конкурси за судии. Аудио снимки од телефонски разговори остварени непосредно по изборот на Лаличиќ за судија во Основен суд Скопје 1 Скопје го покажуваат нејзиното стравување дека одредени медиуми ќе пишуваат за начинот на кој била избрана за судија.
Нејзните конекции со извршната власт не завршуваат со изборот за судија, туку напротив уште повеќе се интензивираат во насока која претставува флагрантна повреда на независноста на судството и злоупотреба на угледот на судиската функција. Задоволување на приватни интереси и интереси на нејзини блиски луѓе, интервенции и ургенции од секаков карактер, споделување информации и сознанија до кои дошла при вршење на функцијата за цели кои не биле поврзани со судиските должности, запознавање на трети лица со внатрешните состојби и односи во судот во кој вршела должност, недостоинствено однесување во личните и социјални односи и дозволување истите да влијаат на несоодветен начин во нејзиното однесување при вршење на функцијата се само дел од начините на кои била користена моќта која ја носи судиската функција. За судија Лаличиќ судиската функција значела сѐ освен тоа што е нејзиното вистинско значење – привилегија да се служи на заедницата преку улогата на делење на правдата согласно законите и еднаквоста на сите граѓани вклучително и себе си пред Уставот и законите во Република Македонија.
– очигледни повреди
Во контекст на наведеното, а спротивно на прифатените и инкорпорирани етички стандарди за вршење на судиската функција, судија Софија Лаличиќ недостоинствено ја вршела функцијата која и е доверена, грубо повредувајќи ги принципите содржани во Кодексот на судиска етика за судиите во Република Македонија. Нејзиното целокупно лично однесување и професионално постапување за време на вршење на судиската функција претставува повеќекратно прекршување на принципот на независност изразен во точка 1.1, 1.2, 1.3 и 1.5, принципот на непристрасност изразен во точка 2.1 и 2.2, принципот на интегритет изразен во точка 3.1, 3.2 и 3.3, принципот на пристојност изразен во точка 4.2, 4.3, 4.6 и 4.7, како и принципите на стручност и совесност изразени во точка 6.7 од Кодексот на судиска етика.
Законот за судовите во член 77 став 1 алинеја 1 предвидува „Како дисциплинска повреда за која се поведува постапка за утврдување на одговорност на судија за која ќе се изрече дисциплинска мерка се смета повредување на правилата на кодексот на судска етика со кој се нарушува угледот на судиската функција.“
Од друга страна пак, во член 76 став 1 алинеја 3 и алинеја 9 е предвидено „Потешка дисциплинска повреда за која се поведува постапка за утврдување на одговорност на судија како основ за разрешување се смета: искористување на својата функција и угледот на судот за остварување на свои приватни интереси и изнесување (откривање) доверливи информации кои ги сознал постапувајќи по предметите или вршејќи ја судиската функција.“
Светлана Костова
– резиме на снимки
Аудио снимка од телефонски разговор помеѓу Сашо Мијалков и Светлана Костова јавно објавена на 19.03.2015 година го открива начинот на кој Светлана Костова била избрана за судија на Виш управен суд. Последниот коментар на Костова во споменатиот разговор е јасен показател колку овој судија ќе биде независен при вршење на судиската функција.
Доказите со кои располага обвинителството, особено смс комуникацијата и телефонските разговори остварени од страна на Светлана Костова во периодот од 2011 година, на повеќе теми и со повеќе лица, го наметнуваат прашањето за инкомпатибилност на судиската функција со вршење на друга јавна функција, работа или дејност. Според нејзината професионална биографија објавена на Судскиот портал на Вишиот управен суд на Република Македонија, во периодот од 2005 година па сѐ до нејзиното заминување во 2011 година Светлана Костова е на позиција началник на Сектор за менаџмент и едукација во Управата за безбедност и контраразузнавање. Во периодот од избор за судија во Виш управен суд во март 2011 година, па сѐ до стапувањето на функција на 01.07.2011 година, според податоците од Агенцијата за вработување на Република Македонија, Костова продолжува со работа во Министерството за внатрешни работи. Телефонски комуникации остварени од страна на судија Светлана Костова во месец септември и октомври 2011 година, односно два до три месеци по нејзиното стапување на функцијата судија на Виш управен суд, покажуваат дека таа продолжила активно да учествува во дневните обврски на Управата за безбедност и контраразузнавање околу организирање и посредување при состаноци и превземање на други работни задачи кои спаѓаат во делокругот на секојдневното работење на УБК. Фактот дека Светлана Костова паралелно извршувала работни задачи и како судија и во Управата за безбедност и контраразузнавање несомнено го доведува во прашање како нејзиниот личен интегритет, така и институционалната независност на судиската функција.
– очигледни повреди
Вршењето на друга јавна функција, работа или дејност која не е спојлива со вршењето на судиската функција, согласно Законот за судови претставува потешка дисциплинска повреда за која се поведува постапка за утврдување одговорност на судија како основ за разрешување.
Кодексот за судиска етика востановува принципи кои имаат за цел надополнување, а не отстапување од постоечките законски прописи, па така и од етички аспект согласно принципот на стручност и совесност „Судијата не смее да се впушта во однесување кое е неспоиво со совесното извршување на судиските должности“ односно судијата не прифаќа вонсудски обврски што се некомпатибилни со ревносното извршување на судиските функции.
Надминувањето на овие и слични проблеми е предуслов за враќањето на институционалната и личната независност. Првата е поврзана со појасно дефинирање на релациите на судството со другите сегменти од државната власт, а втората со личната, професионална подготвеност на судиите. Тоа освен интелектуален капацитет подразбира соодветна институционална рамка и професионален интегритет заснован на морално-етички принципи кои што ја прават судиската функција достојна за вршење.
Имајќи ги предвид востановените принципи на етичко однесување на судиите како стандард, кој се применува во согласност со Уставот, законите и меѓународните конвенции, тие не се само насока туку и фактичка рамка на однесување на судиите која гарантира одговорност на судиите за своето однесување и конечно, нивното непочитување повлекува морална и законска одговорност.
– пречки за изрекување на соодветни санкции
Во контекст на вака констатираните состојби за несоодветно судско постапување, притоа постојано имајќи ја предвид законската одредба од член 54 од Законот за Судскиот совет на Република Македонија која вели: „Постапката за утврдување на одговорност на судија или претседател на суд се поведува во рок од шест месеци од денот на осознавање на сторената повреда, но не подоцна од три години од денот на сторувањето на повредата“, се поставува прашањето дали и понатаму ваквите и слични аномалии ќе останат само нотирани и неказнети? Дали и колку функционалноста на судскиот систем ќе бележи напредок без коренити промени во законските решенија, без суштинско реформирање на правосудниот систем во целост и без ресетирање на индивидуалната свест на сите општествени чинители? Со цел да се обезбеди можност за одговорност и санкционирање на очигледните неправилности при вршењето на судиската функција, сторени во изминатиот период, како и превенција од евентуални идни вакви или слични постапувања, на Собранието на Република Македонија му ги давам следните предлози:
– итна интервенција во Законот за Судски совет на Република Македонија во однос на рокот за поведување на постапката за утврдување на одговорност на судија или претседател на суд на начин што истиот да биде еквивалентен на мандатот на вршителот на судиската функција;
– измени во поглед на санкционирањето, на начин што ќе се воведе разновидност на санкциите и построго санкционирање кое пред сѐ ќе оневозможи несоодветен напредок во кариерата.
Телото за борба против корупција на Советот на Европа – ГРЕКО во најновиот извештај за Македонија во кој се анализира превенцијата на корупцијата кај членовите

на парламентот, судиите и обвинителите, оценува дека „нема видлив напредок“ во оваа област. Смета дека резултатите во Македонија се „очигледно разочарувачки“ со оглед на тоа дека има упатено 19 препораки до Република Македонија во својот Извештај за евалуација, при што во Извештајот за усогласеност, носи заклучок дека земјата спровела задоволително или се справила на задоволителен начин само со три од 19-те препораки.
И извештајот на Прибе бележејќи ја крајно лошата состојба во судството дава препораки со цел деполитизирање на назначувањето и унапредувањето на судиите истите да се направат според транспарентни, објективни и строго засновани на заслуги критериуми, со употреба на транспарентни процедури воспоставени со закон, а не со интерни правила, кои процедури нема да остават место за партиска или политичка поддршка како критериум за избор.
Со оглед на сѐ погласните забелешки за состојбата на судството, како и тоа што централната улога во судството ја има Судскиот совет на Република Македонија, секоја реформа во судството треба да започне токму од Судскиот совет. Предвид наведенот постои неопходност од уставни измени со цел подобрување на неговата работа во насока на начелото на независност и самостојност во постапувањето.
Со Амандманот XXVIII на Уставот на Република Македонија иако се овозможи судиите сами од своите редови да ги избираат членовите на Судскиот совет, повторно беше оставен рецидивот од минатото да може Собранието и понатаму да избира членови на Судскиот совет од редот на универзитетски професори по право, адвокати и други истакнати правници. Дополнително со амандманот е предвидено дека како членови на Судскиот совет по функција се и претседателот на Врховниот суд на Република Македонија и министерот за правда.
Една од обврските на Собранието на Република Македонија е да даде свој придонес за подобрување на лошата состојба во судството преку изнаоѓање на соодветно решение со уставни амандмани и тоа токму преку измена на уставните одредби во насока да овозможи целосна независност на судската власт, за да потоа преку измени на Законот за Судски совет на Република Македонја и Законот за судовите целосно го заштити судството и да овозможи истото да продолжи непречено да се развива, а со тоа да се подобри и перцепцијата на граѓаните на Република Македонија кон судовите преку зголемување на довербата на граѓаните во судството.
Собранието на Република Македонија е единствениот државен орган кој може да ги елиминира сите можни влијанија во судството, а со тоа и да ја зголеми неговата независност и самостојност. Оттука сметам дека законодавниот дом треба да се откаже од својата уставна надлежност да избира членови на Судскиот совет, а воедно и да се одземе уставното право на Претседателот на Републиката да предлага членови на судскиот совет. На ваков начин ќе се спречи секое евентуално мешање на извршната и законодавната власт во независноста на судството. Воедно, како најприфатливо решение би требало да се разгледа можноста сите членови на судскиот совет, да ги избираат судиите од своите редови на непосредни избори со тајно гласање. Тоа значи дека самите судии ќе одлучуваат кои ќе бидат нивни претставници во Судскиот совет, а од друга страна пак како членови можат да конкурираат само веќе избрани судии, со што дополнително ќе се елиминираат сите евентуални злоупотреби на терминот “истакнат правник“ преку кој досега во судството беа инфилтрирани повеќе личности со сомнителни биографии. Судиите најдобро ја познаваат состојбата во судството и со своето членување во Судскиот совет можат на директен начин да придонесат во подобрувањето на таа состојба. Во оваа насока се движи и препораката R(94)12 на Советот на Европа за независноста, ефикасноста и улогата на судиите во која е наведено следново: “Сите одлуки во однос на професионалната кариера на судиите, треба да се засноваат на објективни критериуми, а изборот и напредувањето на судиите треба да се заснова на нивните квалитети, земајќи ги предвид нивните квалификации, интегритет, способности и ефикасност во работењето. Телото кое ги носи одлуките во однос на изборот и напредувањето на судиите, треба да биде независно од власта и државната администрација. Со цел да се заштити неговата независност, мора да постојат правила, преку кои, на пример, ќе се обезбеди, изборот на неговите членови да го врши самото судство, а потоа самото тоа тело да носи одлуки во однос на сопствената работа и процедурални правила”.

Собранието на Република Македонија треба во секој случај да посвети внимание и за должината на траење на мандатот на членовите на судскиот совет кој во моментот изнесува шест годни со можност за реизбор што пак претставува прилично долг мандат и позиција на удобност. Така според сегашните одредби еден избран член на Судскиот совет со мандат од шест години, може повторно да биде избран за дополнителни шест години, што претставува вкупно дванаесет години членување во Судскиот совет па доколку истиот доаѓа од редовите на судиите неопходно е по истекот на двата мандата повторно да се врати во матичниот суд и да продолжи со правораздавањето. Ова ќе претставува значајна потешкотија на тој судија кој долг период бил надвор од судските збиднувања да треба повторно да продолжи со остварување на судиската функција. Од овие причини сметам дека покрај намалување на траење на мандатот Собранието треба да размислува и кон можноста членувањето во Судскиот совет да биде комисиски односно членовите да можат паралелно со членувањето да продолжат да си ја вршат и судиската функција, бидејќи само на таков начин истите ќе бидат во постојан контакт со состојбите во судството, а не како досега да бидат негов одвоен и недопирлив дел. Дополнително се проблематизира и дисциплинската неодговорност на членовите на Судскиот совет, бидејќи согласно позитивните законски прописи истите не одговараат пред никој за својата работа што е недозволиво да едно тело кое избира, унапредува и разрешува судии, биде заштитено од одговорност за своето евентуално несовесно постапување.

Што се однесува пак до судиите и нивниот избор, унапредување и разрешување сметам дека Собранието треба да внимава при определувањето на критериумите по кои се врши самиот избор, унапредување и разрешување. Имено, нејасно е зошто постои разлика во критериумите за избор на судии во основните судови, апелационите судови и во Врховниот суд на Република Македонија vis a vis критериумите за избор на судија во Управниот суд и Вишиот управен суд. Во моментов законските одредби предвидуваат како критериум за избор на судија во основен суд да биде единствено завршената Академија за обука на судии, додека пак како критериум за унапредување во апелационен или врховен суд да биде предвиден одреден број на години судиски стаж во непосредно понискиот суд од судот во кој се избира, на ваков начин се прекинува досегашната пракса да за судии во апелационен и врховен суд бидат избрани лица кои претходно немале ниту еден ден судиски стаж, а се ставени во позиција да контролираат и оценуваат работење на судии со долгогодишно судиско искуство зад себе. Со вака предвидените критериуми се заострија условите за избор и унапредување само во основните, апелационите и во Врховниот суд на Република Македонија, додека пак состојбата со Управниот и Вишиот управен суд остана непроменета. Оттука, сметам дека е неопходна измена и на посебните услови за избор на судија во Управниот суд и во Вишиот управен суд во смисла на отрфрлање на можноста за судија да биде избрано лице кое има пет односно шест години стаж на правни работи во државен орган со потврдени резултати во работата или кое во последната година е оценето со највисока позитивна оцена. Поради вака предвидената можност во Управниот суд и во Вишиот управен суд се бираат за судии лица кои доаѓаат директно од институциите на извршната власт без никакво судиско искуство позади себе, а од друга стана се овозможи да преку влезот во овие два суда на полесен начин се стигне до унапредување со избор за судија во некој апелационен суд или пак до унапредување со избор за судија во Врховниот суд на Република Македонија.
Венецијанската комисија е на ставот дека во рамките на судскиот систем во секоја современа правна држава треба да постојат јасни параметри кои ќе ја разграничуваат индивидуалната одговорност на судијата од одговорноста на судскиот систем во целина. Притоа индивидуалната одговорност на судијата честопати е појдовна основа за неефикасноста на судскиот систем во целина. Произлегува дека само независно и непристрасно судство ќе ги исполнува своите должности vis a vis законодавецот, извршната власт и особено во однос на граѓаните. Ако за судиите независноста на судството треба да биде нивна обврска, за граѓаните тоа е нивно право. Овој пристап почива на разбирањето дека поделбата на власта и неговата заштита од страна на судството е право кое им припаѓа на граѓаните и дека правдата мора да е во служба на граѓанството.

Јавен обвинител за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината
на незаконското следење на комуникациите

Катица Јанева

фото (Makfaks)

Total
0
Shares
Поврзани објави