Адвокатот Влатко Илиевски, сопруг на поранешната мнистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска осудена за случајот „Тенк“, денеска на седница од Судскиот совет побара разрешување на судијката Добрила Кацарска поради пристрасност во водењето на постапката. Таа му одговори дека не прекршила ниту еден Закон а доколку додека жена му беше на власт донела Закон да не се суди на трудници и таа немало да ја суди.

Илиевски појасни дека за време на рочиштата за „Тенк“ немало соодветни услови во судницата која била неклиматизирана, пребрзо биле закажувани рочиштата, а со тоа на Јанкулоска и било прекршенно правото на мајчинство и на породилно отсуство.  Се пожали дека протекле информации за здравствената состојба на Јанкулоска на начин што судијката Кацарска на рочиштето на 1 јуни 2018 година јавно и без согласност од Јанкулоска изнела податоци од медицинското досие во кое се депонирани документите што се однесуваат на здравствениот статус и медицинската состојба на Јанкулоска без притоа да се исклучи јавноста. Со тоа, како што додаде, е повредена приватноста и правото на заштита на пациентите.

Тој најави дека Европскиот суд за човекови слободи и права во Стразбур има методологија за да утврди пристрасност во водењето на постапката, користејќи објективен и субјективен тест.

„Не сум теоретичар, судија сум 33 години и ќе зборувам само со факти. На почетокот на судењето, Јанкулоска не само што не кажа на судот, туку не навести воопшто дека е бремена. Рочиштата траеја долго заради однесувањето. Се поднесуваа приговори, барања за изземање од сите адвокати по ред. За потоа во 15 часот да бараат да се прекине судењето, зашто истекло работното време и судењата да траат така во недоглед. Согласно судскиот деловник, расправа не се одлага поради истек на работно време и Јанкулоска како поранешен член на Владата го знаела работното време на судството“, рече Кацарска. “Слушнавме од полномошникот на Јанкулоска дека ниедна бремена жена или мајка не била судена. Имаше период кога бремени жени и мајки беа притворани, па и судени. Можеше Јанкулоска кога беше член на Владата да го измени ЗКП на бремените да не им се суди, јас ќе го почитував тоа“, рече Кацарска.

Комисијата треба да утврди дали има или не одговорност кај Кацарска и да го извести Судскиот совет.

Јанкулоска беше осудена на шест години затвор за набавката на луксузниот „мерцедес“, а Апелацискиот суд и ја намали казната на четири години.