Израелски авиони уништија висококатница во која беа сместени редакциите на „Ал Џазира“, агенцијата АП и на други медиуми во последните жестоки бомбардирања на Газа. Тие го извршија нападот речиси еден час откако војската им нареди на луѓето да ја напуштат 12-катната зграда. Таа целосно се урна, оставајќи зад себе голем облак од прашина и Израел појасни дека била цел зашто во неа се наоѓала воена опрема на Хамас.

„Израелски разузнувач нè предупреди дека имаме помалку од еден час да се евакуираме. Побаравме дополнителни десет минути за да ја спасиме опремата, но бевме одбиени“, изјави Џавад Мехди, сопственикот на уништената кула „Џала“.

Од „Ал Џазира“ порачаа дека овој напад нема да ги замолчи.

„Покривав многу настани од оваа зграда, лично ги преживувавме професионалните искуства тука. Сега сè е уништено, исчезна за две секунди“, изјави новинарот Сафват Ал-Калут.

Ова уследи само неколку часа откако израелските авиони бомбардираа густо населен бегалски камп во Газа, при што загинаа десет членови на едно семејство, повеќето деца. Од почетокот на борбите во понеделникот, во Газа загинаа 139 луѓе, како и осуммина во Израел.