Италијанските власти му наредија на ТикТок да го блокира пристапот на корисниците чија што возраст не може да се потврди. Забраната доаѓа само неколку дена по смртта на девојче од Палермо, која учествувала во онлајн предизвик со онесвестување преку апликацијата.

„Италијанска агенција за заштита на податоците (ГПДП) му нареди на ТикТок веднаш да ги блокира корисниците за кои возраста не може да се утврди со сигурност“, се вели во соопштението на ГПДП.

Од агенцијата велат дека донеле одлука да интервенираат итно по ужасниот случај со 10-годишното девојче од Палермо.

Формално, на кинеската апликација ѝ е забрането да обработува кориснички податоци кои не се во согласност со правилата за минимална возраст. Според условите за користење на ТикТок, корисниците мораат да имаат најмалку 13 години.

Јавното обвинителство од Палермо отвори истрага во врска со случајот за „поттикнување самоубиство“, откако 10-годишното девојче почина од загушување.

Предизвикот е со стегнување шал или ремен околу вратот да се намали дотокот на кислород во мозокот и да дојде до привремено губење свест.