Исчезнаа 9-годишни близначки спасени од пожарот кај Атина

Од рано утрово, татко на две 9-годишни близначки, преку грчките медиуми бара помош за пронаоѓање на неговите ќерки. Девојчињата биле со бабата и дедото во населбата зафатена од пожарот и им се губи на сите секаква трага.

Родителите пријавиле во полиција, во противпожарната служба, ги посетиле сите болници, дале ДНК примерок за идентификација, во случај девојчињата да се меѓу загинатите.

Таткото на близначките, за грчката телевизија Скај, вели дека за неговите родители нема никаква информација, а сосема случајно на телевизија, во прилог за спасувачката акција по море, во еден од чамците ги видел неговите ќерки.

– Она што ме загрижува е што никој не нѐ извести. Ако се случило најлошото и моите родители се мртви, а девојчињата се спасени, никој не нѐ известил дали некој ги згрижил и каде. Затоа што јасно се гледа дека во чамецот се сами – вели таткото на 9-годишните близначки за грчката телевизија Скај.

Оние за кои над 24 часа немаат ни трага ни глас од нивните најблиски, упатуваат апели, повици за помош преку социјалните мрежи и преку грчките медиуми, а се поинтензивно ја користат и неофицијалната база на податоци, онлајн платформата за исчезнати лица, каде што бројот на исчезнати сега се зголеми на 34.

Total
0
Shares
Поврзани објави