Хелсиншки Комитет: Вранишковски доби пресуда против Македонија

Во денешната пресуда на Европскиот суд за човекови права беше констатирано прекршување на членот 11 (слобода на собирање и здружување) во врска со членот 9 (слобода на мислата, совеста и религијата) од Европската конвенција за човекови права, која произлезе од одбивањето на надлежните да се регистрира Православната охридска архиепископија (ПОА) како посебна верска заедница.

Постапката во Стразбур беше иницирана со апликацијата бр. 3532/07 поднесена од страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права во името на „Православната охридска архиепископија“, како верско здружение на коешто не му беше дозволено да се регистрира на национално ниво.

И покрај двете постапки за регистрација на здружението кои беа водени пред домашните судови, и двете барања беа одбиени од формални причини. Освен формалните причини, надлежните државни органи се повикуваа и на две други основи за одбивање на барањето, и тоа: дека здружението-апликант било формирано од страна на странска црква или држава, што го правело неподобно за регистрација, како и дека неговото предложено име било проблематично, особено од аспект на тоа што тоа било многу слично со називот на „Македонската православна црква-Охридска архиепископија“ која има историско, религиозно и морално право во континуитет да го користи ова име. Со тоа, според надлежните државни органи здружението имало за цел да претставува паралелна верска институција на МПЦ.

Во рамките на домашната постапка, здружението-апликант покрена и две безуспешни постапки пред Уставниот суд, во коишто барањата за заштита на слободите и правата на апликантот беа отфрлени врз строго формални причини, без судот мериторно да се впушти во разгледување на основот на барањата на апликантите.

Потврдувајќи го широкиот простор за процена на државата во оваа област од аспект на односите помеѓу верските заедници, ЕСЧП во својата пресуда сепак укажува на должноста на државата да остане неутрална и непристрасна во извршувањето на нејзината регулаторна моќ во нејзините односи со другите религии и верски групи, како и да води сметка за сочувувањето на религискиот плурализам кој е од клучно значење за правилното функционирање на секое демократско општество, разрешувањето на проблемите низ дијалог и хармоничната интеракција меѓу поединците и групите како суштинска за постигнување на социјална кохезија.

ЕСЧП потенцира дека јавното мислење на државата не треба да биде заштитено на штета на малцинските ставови, така што ниту огромната важност што автокефалноста на МПЦ ја има за нејзините верници и поддржувачи не може да го оправда преземањето мерки кои би го спречиле апликантот сеопфатно и безусловно да отпочне со каква било религиозна активност. Токму врз таа основа, имајќи ја предвид потребата од одржување на религискиот плурализам, во ситуација на каков било конфликт помеѓу или внатре во рамките на самите верски групи, Судот во Стразбур експлицитно го осуди преземањето превентивни мерки со кои би се сузбила слободата на собирање и изразување во едно демократско општество.

За констатираната повреда на Конвенцијата, Република Македонија како тужена и одговорна држава е задолжена да му исплати на апликантот 4,500 евра како надомест на нематеријалната штета, како и дополнителни 5,000 евра за трошоците и издатоците настанати во врска со водењето на оваа постапка.

Конечно, Хелсиншкиот комитет за човекови права потсетува дека извршувањето на оваа пресуда, покрај преземањето на овие индивидуални мерки кои се насочени кон обесшетување на ПОА како апликант, неминовно ќе изискува и преземање на други, генерални мерки кои би имале за цел спречување на слични повреди во иднина, преку целосно гарантиран избалансиран и изедначен пристап на државата кон сите верски заедници и религиозни групи со што се осигурува верскиот диверзитет и плурализам.

Целосниот текст на пресудата е достапен на следниов линк https://hudoc.echr.coe.int/eng#{“documentcollectionid2”:[“GRANDCHAMBER”,”CHAMBER”],”itemid”:[“001-178890”]}.

#соопштение Хелсиншки комитет

Total
0
Shares
Поврзани објави