Граѓани се жалат за непочитување на термините за лични карти

За фотографирање за лични документи телефонски се закажуваат термини, но странките велат дека истите не секогаш се почитуваат, пишува порталот Фактор.

Тие велат дека граѓаните не се задоволни од организираноста и ефикасноста на службите. Често се отстапува од термините, а сѐ уште постои праксата доколку некој има лични познанства, да влезе и да заврши работа преку ред. Неколку кумановци кои изминатиов период имале потреба од замена на лични документи, имаат поплаки.

„За да се фотографирам за лична карта, дојдов 20 минути пред закажаниот термин, по што потоа имаше некаков застој, мислам дека некои лица влегуваа и преку ред, по што се фотографирав два часа од закажаниот термин. Граѓаните се виновни затоа што сакаат доколку е можно побрзо, преку ред да влезат, да завршат работа и да си одат, без да имаат во обзир дека некој друг е пред нив. Во ова време на пандемија треба и да се одржува дистанца. Полицските службеници опоменуваат, но граѓаните се неодговорни“, вели 53 годишната Јуле Т. од Куманово за порталот.

Друг повозрасен маж кој се фотографирал во периодот кога беше неизвесно дали ќе има обрасци за документи или не, вели дека службите мора да работат побрзо и попрофесионално.

„Се создаде гужва, по што една од жените која чекаше во ред, мораше да се побуни кај раководителот, и да се забрза процесот. Не сум задоволен. Ми беше закажан термин наутро, по 9 часот, но влегов подоцна“, додава 62 годишниот Миле С.

Од Министерството за внатрешни работи одговараат дека фотографирањето се врши според закажните термини.

„Сите закажани термини зафотографирање за лични документи на граѓаните во Одделението за управни работи Куманово досега се фотографирааат во закажаниот термин, но доколку има некои недоследности во постапката секој граѓанин кој што има забелешка во тој поглед може да се обрати до надлежните службеници во Одделението за управни работи Куманово. Воедно за одржување на редот и одржување на потребаната дистанца се задолжени полициски службеници од СВР Куманово“, додаваат од МВР.

Оваа година имаше и проблем со недостиг на обрасци за пасоши и лични карти, кој создаде проблем за граѓаните, а дел од нив и ги попречи да отпатуваат на работа во странство. Р.Д.

Total
0
Shares
Поврзани објави