Гинекологот што ја внел жена му во сала да оперира без лиценца се врати на работа во битолската болница

Намалување на платата за триесет проценти во времетраење од половина година доби гинекологот што ја внел сопругата која немала лиценца за работа во Македонија, за да изврши царски рез утрото на 1 јануари годинава. Тој се вратил на извршување на работните задачи во Клиничката болница во Битола.

Покрај него, намалена плата за 30 проценти добил и колегата со кого ноќта биле на дежурство. За случајот одлучуваше комисија од болницата во Битола и според Законот за здравствена заштита ова е максималната казна што може да се изрече во дисциплинската постапка, откако медиумите објавија дека пациентка во Битола се породила со царски рез од страна на жена која била внесена во операционата сала, а која немала лиценца од Лекарската комора. Новогодишната ноќ, двајцата лекари кои биле на дежурство, дозволиле сопругата на едниот од нив да го изведе царскиот рез, на очиглед на други колеги во болнциата кои биле фрапирани.

,,Дисциплинската постапка заврши. Комисијата излезе со предлог казна и директорот донесе решение за изрекување казна за двајцата доктори и тоа максимална парична казна а тоа се 30 проценти од платата во времетраење од шест месеци. Со ова заврши дисциплинската постапка и двајцата суспендирани лекари, денеска се вратија на работа, рече директорката на болницата, доктор Билјана Гагачовска.

Но, против двајцата гинеколози кои дежурале на новогодишната ноќ, Г.Ч на возраст од 60 години и М.В на возраст од 33 години, има и кривични пријави кои се процесуираат.

Помладиот гинеколог чија жена била во салата за пораѓање се товари дека ја злоупотребил службената положба и овластување и дека фалсификувал службена исправа. Другиот доктор, инаку екс заменик министер за здравство и поранешен координатор на владата за здравство, исто така се соочува со кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластување. Сопругата на помладиот гинеколог, со српско државјанство, која немала лиценца за работа од Лекарската Комора на Македонија, добила кривична пријава за надрилекарство.

Министерството за внатрешни работи според пријавата која ја поднело трето лице вработено во болницата, сведок, извести дека двајцата гинеколози ѝ овозможле на третопријавената без лиценца за работа да даде медицинска помош, односно да породи пациентка со царски рез во операционата сала на државната болница во Битола. Откако завршила интервенцијата, првопријавениот во оперативниот дневник напишал дека тој самиот ја извршил интервенцијата, а од стариот оперативен дневник ги скинал страниците на кои третопријавената ги запишала извршените оперативни интервенции. На таков начин, формално изгледало како тој самиот да го извел царскиот рез.

извор: Слободен печат

Total
0
Shares
Поврзани објави