Средношколци од гимназиите „Никола Карев“ и „Раде Јовчевски Корчагин“ утринава се собраа во училишните дворови приклучувајќи се на најавениот бојкот поради огромното загадување на воздухот.

„Бојкотираме во внатрешниот двор, од директорот ни беше кажано дека не смееме да се движиме по ходници. Мораме да бидеме во внатрешниот двор или на часови“, вели средношколецот Петар С. од гимназијата „Корчагин“.

Фото: Бојкот во „Раде Јовчевски Корчагин“

Фото: Бојкот во „Раде Јовчевски Корчагин“

„Се закануваат со казни, имаме неоправдани“, вели средношколката Б. А. од „Карев“.

Тие првично беа собрани во дворот, но потоа бојкотот го продолжија внатре во холот на гимназијата. Дел од нив се пожалија дека директорката излегла да ги фотографира за време на бојкотот.

Фото: Бојкот во „Никола Карев“

Бојкот во „Никола Карев“

Младинскиот образовен форум синоќа ги повика учениците да пријават ако некој им врши притисок на училиште или ако на одреден начин им ги повредуваат нивните ученички права.

Повикот доаѓа откако скопскиот огранок на „Fridays For Future“ информираше дека директори на средни училишта вршеле притисок врз ученици да не ја бојкотираат наставата и да не учествуваат во денешниот марш за чист воздух.

Од МОФ ги упатија учениците да им се обратат на ucime_pravo@mof.org.mk за совет или ако имаат пријава.

„На оваа адреса може да ги испратите сите ваши дилеми или да не контактирате на телефонскиот број на МОФ (02 3139692) за тимот на Учиме право програмата да ви даде насока што најсоодветно може да преземете за да ги заштитите вашите ученички права“, стои во повикот на МОФ.

Средношколци од Скопје преку социјалните мрежи најавија бојкот на наставата во сите средни училишта, во знак на протест против високото ниво на загаденост на воздухот. Тие ќе бидат во холовите на училиштата, но нема да присуствуваат на часовите.

фото текст се сопственост на radiomof.mk