Државна матура се полага од 29 мај до 14 јуни

Екстерните испити од државната матура за учебната 2020/2021 година во јунската сесија ќе се полагаат од 29 мај до 14 јуни, соопшти Државниот испитен центар.

Листата на изборни предмети за третиот екстерен испит годинава е проширена со уште два предмета – информатика и географија, а испитните програми по сите наставни предмети ќе бидат со скратени содржини.

На 29 мај ќе се полага мајчин јазик, односно македонски јазик и литература, албански јазик и литература и турски јазик и литература.

На 5 јуни, учениците ќе полагаат странски јазик, односно англиски јазик, француски јазик, германски јазик и руски јазик, а на 11 јуни, ќе се полага естетика, филозофија, хемија, физика, биологија, историја, социолигија, бизнис, информатика и географија, а на 14 јуни математика.

Сите испити ќе почнуваат во 10:00 часот.

Новина годинава има и за проектната задача која ќе содржи истражувачки дел.

Наместо класичната проектна задача која се прави во рамките на матурскиот испит, од оваа година на средношколците ќе им биде дозволено да создадат своја идеја во форма на младинска иницијатива, филм, дигитална платформа, мултимедијален настан.

„Согласно Правилникот за начинот на полагање и оценување на резултатите на учениците на испитите во државната матура во гимназиското, стручното и средното уметничко образование, срeдношколците од четврта година, најдоцна до 30 ноември, 2020 г. треба да пријават тема за изработка на матурска проектна задача. Пријавувањето треба да го направат во своите училишта како и досега“, информираат од Државниот испитен центар.

Претходно, Сојузот на средношколци побараа оваа учебна година да нема државна матура туку само изработка на проектна задача.

Тие сметаат дека државната матура оваа учебна година нема да биде ефективно тестирање за матурантите поради лошата состојба со наставата на далечина, како и скратените наставни програми поради пролонгираниот почеток на учебната година.

Total
0
Shares
Поврзани објави