Дали средствата се сигурни во банки кои се регулирани од тимот во НБРМ којшто во случајот со Еуростандард Банка, неуспеал да спречи криминал

Здружението на oштетени штедачи на Еуростандард Банка со изјава до медиумите би сакале јавно, да постават неколку прашања до тимот на НБРМ којшто деновиве е многу активен на медиумски план со изјави, а последна е изјавата на вицегувернерката Ана Митреска за порталот „Опсервер“. Писмото и анализата ги пренесуваме во целост:

Деновиве сме сведоци на чести изјави од Народната Банка која во банкарскиот систем служи како столб на сигурност и институција која ги надгледува, контролира и регулира сите учесници во банкарскиот систем во државата.

Симптоматично за нас како оштетени штедачи, а сигурни сме и за останатите штедачи од другите банки, е дека во дел од изјавите во медиумите на разни членови на тимот на НБРМ истите се демантираат самите себеси.

Имено, во едно од последните интервјуа од името на НБРМ, конкретно на вицегувернерката Ана Митреска за порталот „Опсервер“, имаме цитат каде се изјавува следново: „Еуростандард банка подолго време наназад беше изложена на поголем кредитен ризик и слабости во работењето“.

Се поставува прашањето зошто НБРМ подолго време и дозволила на Еуростандард Банка да биде изложена на поголем кредитен ризик? Како е можно да во тек на повеќе минати години бидат одобрувани и пласирани кредити без соодветни хипотеки и правени други злоупотреби и малверзации од страна на лица на одговорни позиции во Еуростандард Банка, а да Народна Банка не превземала активности да тоа го спречи и казни, за што таа е законски надлежна и обврзана да го направи?

Во овој контекст, следствено произлегува и друго важно прашање, а тоа е на која друга банка или банки во банкарскиот систем НБРМ моментално дозволува да бидат изложени на поголем кредитен ризик?

Според изјава во истото интервју се наведува дека “во случајот Еуростандард Банка се правеле анализи од кои се донесувале заклучоци дека банката е под голем ризик“. Прашањето што произлегува е од каде постои оправданост во давањето на изјави од страна на Народната Банка и Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска во периодот непосредно пред отворањето на стечај на Еуростандард Банка дека банкарскиот систем во државата е стабилен и сигурен? Дали и сега постојат банки кои по извршени анализи од страна на тимот на Народната Банка се под голем ризик?

Следна за нас како оштетени штедачи нелогичност лежи во следнава изјава од истото интервју: „и покрај корективните мерки, капиталот на Банката паднал под законскиот минимум“. Според изјавите во јавноста од други членови на тимот на НБРМ, корективните мерки биле насочени кон максимално ограничување на приходите на банката без притоа да се води сметка за последиците од ваквото делување кон нас штедачите. Се поставува прашањето, како и покрај постојаната супервизија и превземени корективни мерки од страна на НБРМ сепак капиталот паднал под законскиот минимум и како такви дали мерките биле правилни?

Следна за нас голема нелогичност е во изјавата од интервјуто: „…за жал, ниту од сопствениците, ниту од потенцијалниот инвеститор со кого Народната Банка имала интензивна комуникација…“.

Според последните изјави на Гувернерката на НБРМ немало сериозен инвеститор за Еуростандард Банка. Се поставува прашањето со кого интензивно комуницирал тимот на НБРМ?

Според горенаведените нелогичности и поставени прашања логично следува прашањето коешто секој учесник во нашиот банкарски систем треба и сигурни сме ќе си го постави пред да донесе одлука за своите пари, а тоа е: Дали моите средства се сигурни во банки кои се регулирани од тимот во НБРМ којшто во многубројни случаи претходно, а еве и сега во случајот со Еуростандард Банка, неуспеал да спречи криминал во пропаднатите банки и најпотресно од се, не научиле од своите грешки и не ги ревидирале своите мерки за контрола на банките во системот?

А во врска со изјавите за стабилност и сигурност на банкарскиот систем, ќе оставиме секој сам да си го постави прашањето себеси и одговори на истото. Или еве, ќе оставиме тоа прашање да го одговорат дамите и господата од НБРМ кои земаат големи плати од народни пари за да се грижат за наште пари да бидат сигурни. Секако, тие не смеат да дозволат на секои пет години да пропадне банка и секогаш товарот и загубата на парите од криминалните активности на пропаднатите банки да паднат на штедачите кои веруваат во сопствената држава и банкарскиот систем. Затоа, ќе оставиме на истите тие дами и господа од Народна Банка да се договорат и усогласат меѓу себе и да дадат одговор на ова важно прашање.

Total
0
Shares
Поврзани објави