Поминаа 4 години од катастрофалната поплава од 6-ти август 2016 година во Стајковци, Синѓелиќ, Смилковци, Црешево, Виниче, Страчинци, Брњарци и Арачиново остави пустош зад себе и за кратко време однесе 24 човечки животи.

Градоначалникот на општина Гази Баба и жител на Стајковци, Борис Георгиевски за Вечер изјавил дека вечно ќе се сеќава на страшната слика од природната непогода, но и на хуманоста на луѓето да спасат човек повеќе.

– Изминатиот период, како општина презедовме повеќе мерки за превенција и долгорочно решавање на овој проблем. Ја саниравме патната инфрастуктура на улиците кои што беа погодени од поплавата. Каналите редовно ги чистиме, а подготвен е и проект за изградба на нов ободен канал покрај обиколницата, со цел да ги собира отпадните води кои доаѓаат од Скопска Црна Гора, проект кој ќе ги заштити населените места и земјоделски површини – вели Георгиевски.

Тој потсети дека е извршено масовно пошумување на Скопска Црна Гора со цел да се спречи  ерозија, а забрани и сечење на шумата во овој предел.

–Општина ГазиБаба секогаш ќе води сметка оваа трагедија никогаш да не се повтори, вложуваме во секој сегмент кој придонесува за спречување на поплава и го даваме нашиот максимум за тоа, но мора да ја имаме и поддршката од вас граѓаните, нагласил Георгиевски. Р.Д.