Борисов: Северна Македонија во ЕУ со исполнување на обврските

Бугарскиот премиер Бојко Борисов, по повод тригодишнината од Договорот за добрососедство, ветил дека ќе ја поддржи интеграцијата на Северна Македонија во Европската унија, подвлекувајќи дека европските интеграции значат исполнување на обврските од договорот.

„Договорот за пријателство, соседство и соработка со Република Северна Македонија претставува историски чекор во односите меѓу двете земји. Знак дека сме научиле од грешките од минатото и сме подготвени да работиме за безбеден и стабилен Балкан во иднина. Европските интеграции гарантираат мир и просперитет, Бугарија останува доследна во поддршката на европската иднина на Република Северна Македонија, но ова исто така значи и строга усогласеност со добрососедските односи и обврските кои произлегуваат од Договорот“, напиша Борисов на Фејсбук.

Се огласија и од бугарското МНР оценувајќи дека успехот постигнат пред 3 години го отвори патот за европска интеграција на Македонија и нејзино членство во НАТО.

„За Бугарија, главниот критериум за подготвеност за приближување кон ЕУ останува одржувањето на искрените добрососедски односи, заедно со владеењето на правото и основните права. Ние веруваме во добрососедските односи како основна европска вредност и во таа смисла целосното и совесно спроведување на Договорот од страна на Република Северна Македонија е клучен услов за понатамошниот напредок на земјата кон интеграцијата во ЕУ“, се вели во соопштението. Р.Д.

Total
0
Shares
Поврзани објави