БИТОЛА – Алармантна е ситуацијата кај пумпната станица на ЈКП „Водовод“ од надојдените води на реката Драгор кои носат сѐ пред себе. Директорот на „Водовод“ Битола, Горан Козаров, вели дека се покажало оти потпорниот ѕид изграден неодамна бил направен во вистинско време за да не дојде до поплави.

Ноќеска во Битола наврнаа 17 литри на м2, а врнежите кои паднаа предизвикаа будење на водотеците на Пелистер.

Од акумулацијата „Стрежево“ велат дека  се подготвени да ги прифатат водите од врнежите кои го зафатија регионот деновиве. Дневниот доток во акумулацијата изнесува околу 1,5 милион метри кубни вода или околу 15 m3/sec. Водите се зафаќаат од водотеците на Баба Планина преку собирниот канал и се внесуваат во сливот на река Шемница.

„Дежурните екипи со опрема и ресурси се активни на терен, ја следат состојбата предизвикана од обилните врнежи и преземаат мерки и координирани активности во рамките на своите надлежности. Електро-енергетските постројки се исклучени, единствено во функција е ставена деривациската централа ХЕЦ ‘Довлеџик’, а со единствена цел – превенција од најмала можност за поплавување и вложување на максимални напори за зачувување на секоја капка вода во интерес на водокорисниците“, вели директорот на ЈКП „Стрежево“ Менде Граматковски.

Од Стрежево веат дека следниот период очекуваат значително подобрување на хидролошката состојба и да се обезбеди подеднаков третман во давањето на услугите на сите корисници на вода. 

извор: Независен весник