Димитар Апасиев, лидерот на Левица, сака да се смири со ВМРО-ДПМНЕ и ги повика да организираат заеднички протест откако се спукаа минатата недела.

Апасиев вели дека ако е вистина дека Владата прифатила оти македонскиот јазик е заснован на западно-бугарскиот дијалект, тогаш тоа е прогласување тотална војна против народот!

„Со оглед на драматичноста и сериозноста на ситуацијава во која сме доведени како народ, а која може неочекувано да се радикализира и да ескалира во следниов период, искрено апелирам до сите слободомислечки наши сограѓани, да создадеме силен и обединет Опозициски антивладин фронт против ова зло кое Македонија го немала од АСНОМ до денес“, пишува на Фејсбук Апасиев.

Тој повикува да се закопат секирите во опозицијата додека да го кутнат Заев од власт, а после секој може да ја следи својата идеолошка ориентација.

„Ако ова не го сконтаме, пред нос ќе ја изгубиме Републиката, а тешко дека следните генерации ќе си ја повратат. Памет у глава и егото на страна“, порачува Апасиев.

Минатата недела ВМРО-ДПМНЕ му се налути на Апасиев дека и помогнал на власта во Собрание да обезбеди кворум да ја избере Добрила Кацарска за уставна судијка, што беше негирано од лидерот на Левица со објаснување дека СДСМ и ДУИ веќе имале мнозиство за тоа.