Живот во депонија – 12 семејства во импровизирани куќи, 120 без вода и канализација

Скопје. 30 степени. Летните температури ја активираат човечката жед за вода. Но, во Шуто Оризари, основното човеково право за пристап до чиста вода за пиење, се чини дека е привилегија. Во време на „нова нормалност“ кога здравствените власти алармираат на редовно одржување хигиена и дезинфекција на просториите во кои се престојува, тука, се зголемуваат и потребите, но и стравувањата од можните последици од вирусот. Бидејќи, некои места во оваа општина на северот од главниот град, се уште немаат ни вода ни канализација.

Екипата на „Досие“ зачекори во најкритичното место во Шуто Оризари. Тоа е улицата „Брсјачка буна“. Тесната неасфалтирана уличка води до земјоделска површина претворена во депонија. Мирисот на смрдеа и чад буквално се чувствува под отворено небо. На сред депонија, живеат 12 семејства, кои издигнале импровизирани живеалишта.

Но, обидот да разговараме за нивното секојдневие, борбата за егзистенцијата и справувањето со здравствените ризици во време на епидемија, почна и заврши неуспешно. Со висок тон, жителите негодуваа на снимањето. Причината како што ни ја споделија накратко е дека стравуваат за уривање на нивните домови. Бидејќи парцелата на која и работат и живеат, од неодамна, е вратена во сопственост на двајца сопственици, по пат на денационализација.

Не сакаме да снимате, одете си, немате дозвола да бидете овде, беа само дел од коментарите .

Инаку, долж цела „Брсјачка буна„ живеат околу 120 семејства, кои немаат ни вода ни канализациона инфраструктура. Но, не е само оваа улица. Граѓанскиот сектор изминатиот период ги мапираше уште две други – „Гарсија Лорка“ и дел од „Нов живот“, каде луѓето се соочуваат со немање инфраструктура и пред се вода.

Љатифа Шиковска од невладината организација „Амбрела“, која е долгогодишна активистка во борбата за правата на Ромите, напоменува дека водоснабдувањето во оваа општина е долгогодишен проблем, но, во вакви услови е поизразен.

Блиску до тие семејства има други семејства кои имаат вода, па така се снабдуваат. Ние направивме една акција со градски Водовод каде доставивме вода, но, секако дека тоа не го решава проблемот. Тоа се ад-хок привремени акции. Навистина треба и системски и суштински да се реши проблемот. Овој дел на „Брсјачка буна“ да добие инфрастриктура,  не само во вода, туку струја и асфалт. Мачна е ситуацијата таму, гледате дека има многу деца, дури и епидемиолошки здравствено може да е ризично тоа за децата таму, смета Шиковска.

Градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш, иако првично се согласи да говори за предизвиците со кои се справува општината со која раководи во време на ковид-19, сепак, на крајот не понуди одговори.

автор: Петар Клинчарски фото/видео: Досие.мк

Total
0
Shares
Поврзани објави