Живот помеѓу преживување и тестирање од Ковид-19

На маргините. И во секојдневната борба за егзистенција и во „новата нормалност“ во време на епидемија. Супстандардните услови во најголемата ромска населба во државава, Шуто Оризари, како импровизираните живеалишта, немањето вода, канализација и струја, создава впечаток дека токму тука може молскавично да се прошири Ковид-19. Причина за тоа е немањето можности да се применат основните мерки за заштита – физичката дистанца живеејќи во поголеми семејства, но и редовно миење на раце, дезинфекција и носење на заштитни маски.

Дека ваквите ризици претставуваат сериозна закана по здравјето на ромската заедница, раскажува и 51 годишниот Агру Абазов, кој преживува барајќи милостина по тесните улички во рамките на комплексот клиники „Мајка Тереза“. Свој дом нема, а живее кај роднини кои се повеќе члено семејство. Со социјална помош со не цели 5.000 денари, вели, тешко се живее и во нормални, а не пак во вонредни услови.

– Во Шутка, кај нас да влезете во улицата Брњачка Буна, таму има малку вода да тече, луѓето се сиромашни – живеат од социјално. Има многу деца сиромашни. Веќе не можат да се снаоѓаат луѓето со маски, со храна. Јас просам и дневно поминувам со 500 денари во џеб. Ако извадам денеска 500, 200 денари ги трошам за јадење. Кај се пари за сапун, маски, за капење, за чорапи? – прашува Абазов.

Статистички, Абазов е во групата на 5.000 семејства кои се наоѓаат во социјален ризик. Сепак, и во тешки социјални и здравствени услови, три и пол месеци откако здравствените власти го регистрираа првиот случај на Ковид-19 во државава, до денеска, Шуто Оризари е меѓу скопските општини со најмал број на заразени со бројка од 26. Но, дали и колку од нив се Роми нема информација, бидејќи здравствените власти не ги категоризираат заболените по национална основа.

Проблемот таму е на тестирањето. Колку се тестирани и пријавени се пријавени во јавни здравствени установи со симптоми? Ако имаат причина за тестирање каде се обраќаат? Ова се две клучни прашања, треба да се направи една општа проценка, да се има во предвид социјалниот пристап, ни посочија доктори со кои разговаравме.

Од страв дека состојбата сепак може да се влоши, ромските невладини организации бараат превентивно делување и масовно тестирање во Шуто Оризари, но и другите населби низ државава.

Директорот на Здравствен дом Скопје, Виктор Исијановски порачува дека мора да се допре до граѓаните доколку почувствуваат симптоми сами да се пријават во околните поликлиники.

Ние како Комисија за заразни болести никого не делиме. Таму имаме во поликлиника Шуто Оризари матични доктори доколку некој се пожали. Ако гледаме, во тој реон значи имаме два пункта во Ченто и Чаир за земање брисеви. Секој граѓанин може да отиде, нема тука правило. Се работи за свеста на граѓаните. Мора да се допре до граѓаните, вели директорот Исијановски.

Сепак, невладините организации веќе апелираа до Владата да се отвори пункт за земање брисеви и во ЈЗУ Шуто Оризари за да се обезбеди навремен и лесен пристап. Понатаму, да се направи тестирање за Ковид-19 на примерок на лица, соодветно на епидемиолошка проценка од населбите со супстандардни услови за живеење во сите општини каде што живеат Роми и каде веќе има суспектни случаи и семејства во самоизолација.

Петар Клинчарски

Total
0
Shares
Поврзани објави