Реката Липковка ја дели ромската населба Средорек во Куманово на два дела. И двете страни долж течението ги спојува мост, кој ги сплотува овдешните жители во нивните секојдневни егзистенцијални грижи – да се продаде што било, за да се заработи.

Средорек е најголемата од вкупно 5-те ромски населби, но и со најголем број на нелегализирани куќи. Сместена во центарот на Куманово. Тука, сиромаштијата како да надвиснала над куќите. Меѓу луѓето, приказните се различни, но потребите генерално исти – да се има вода, струја, храна, а некои и свој дом. Таква е желбата на 48 годишниот Сефет Бектеши, кој живее со сопругата и двете деца во прокисната барака.  

Хигиената е катастрофа. Немам кај да живеам, во барака живеам без струја, без вода. Водата  мириса, земам вода од кај комшиите, но, не може да се користи за пиење. Не е исправна. Чистам прозори за да извадам парче леб, се жали Бектеши. 

Математиката не му излегува кога ќе пристигне социјалната помош од 5.000 денари. Во бараката живее под кирија и месечно издвојува по 3.000 денари за изнајмување, со остатокот плаќа струја. Аплицирал и за владината мерка за добивање на домашна платежна картичка, се обратил за проверка во невладиниот сектор, но, од таму му рекле дека го нема на списокот.  

Ако има работа ќе работам, ако не седам дома. Прашање е дали дневно можам по 200 денари да заработам, вели Бектеши.

 Во уличката каде бевме застанати, ни пристапи и Земрија Еминовска. Не повика во дворот во нејзината куќа да ја сподели нејзината мака. На влезот не пречекаа неколку пластични кеси со облека, со кои Земрија секојдневно излегува на мостот за да продава. Внатре во куќата, во нејзиниот дом влегува само дневна светлина, бидејќи веќе втора година е без струја.

Како да одржуваме хигиена со ковид-19? Со дрва топлиме вода, струја немаме. Само едно светло да имаме ништо друго не треба. Хигиена треба многу, но, нема доволно услови. Не зборам само за себе, говорам за цел Средорек. Земам 7.000 денари социјално. Да, должна сум за струја, но не сум ни прва ни последна. Ние немаме 6.000 денари да се прехраниме, од каде да најдам пари да платам? – прашува Еминовска.

Но, лошите услови за живот не се присутни само тука. Идентично е и во останатите помали населби се Бараки, Бавчи, Стари лозја и Пармакови ниви. Тоа ни го потврдија и од Националниот ромски центар кој изминатите четири месеци додека трае епидемијата со ковид-19 е на терен помеѓу Ромите. Според последниот попис во државата, во Куманово живеат над 4.000 Роми.

автор : Петар Клинчарски видео : Досие.мк