Светската пандемија, пресликана во регионални рамки, покажа дека оние најмногу маргинализираните на работ на општествата, не можат да ги дозволат основните потребни хигиенски услови за да се заштитат од ковид-19. Таква е состојбата во речиси сите поранешни југословенски држави, во Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна Македонија.

Без работа, а со тоа и без можност да се купат заштитни средства (маски, ракавици, дезифециенси), илјадници се пред ризикот да бидат заразени. Од друга страна, бројните медиумски извештаи ја исцртуваат лошата слика во која тие живеат, со минимална помош од државата.  

Во Србија, националниот радиодифузен сервис РТС, неодамна известуваше за катастрофалните услови за живот на Ромите во Бујановац. Тамошните жители велат дека само Бог ги штити од короната. 

„Немаме ништо, немаме маски, кога си одиме во градот, си купуваме, кој има пари, кој не – шие нешто од шал“, вели Ремзија Салихи од Бујановац.





Во инфраструктурно уредените населби, пак, како што пренесува РТС владее различна слика. Тие размислуваат за почетокот на учебната година, заради своите деца и внуци.

 „Нормално, тие треба да одат на училиште, бидејќи без училиште нема ништо, тогаш тие ќе бидат неписмени“, вели Љубиша Томиќ од Бујановац.

 

Во Бујановац, Ромите се собирачи на секундарни суровини, а без работа останале сезонските работници, 90 насто од музичарите. Некои чекаат на социјална помош, а други, пак, веќе станале големи должници, размислувајќи да се откажат од електричката енергија.

„Јас сум многу должен, сега кога ќе заврши оваа пандемија, јас ќе бидам првиот на списокот што ќе ја исклучам струјата, првиот на списокот што ќе ја исклучам водата“, вели Чедомир Асемовиќ од Врање.

Ништо не е поразлична сликата и во Босна и Херцеговина. Како што истакнуваат од здруженијата во БиХ, среќна околност е тоа што досега нема заразени со ковид-19, освен два случаи за кои се претпоставувало дека се позитивни. Еден сомнителен во Сараево, а вториот во Бихаќ. Тамошните медиуми нагласуваат дека Ромската популација на тежок начин се соочува со коронавирусот. Првично, поради големата невработеност, лошите услови во кои мнозинството живее, но и поради недостигот на хигиена.

Од Сојузот на Роми во БиХ велат дека освен неколку општини кои им помогнале со донации, во заеднички акции со здруженијата, никој не помогнал со хигиенска опрема во текот на пандемијата.  Тие велат дека властите немаат слух да им помогнат за проблемите кои ги имаат и дека не добиле количински доволно маски и потребните хигиенски средства.

„БиХ до сега нема обезбедено ниту еден вид на помош. Неколку пати го контактирав Домот за здравје во Вражово, ги информирав за пристигнатите семејства од странство, дека стигнале во државата на почетокот на април, без да бидат тестирани при самиот влез. Зошто Домовите за здравство не ја работат работата, на начин на кој што би требало да биде тоа?“, прашува Дерво Сејдиќ, претседател на Сојузот на Роми во БиХ.

Од мостарското здружение „Хумано срце“ порачуваат дека сами успеале да соберат маски и ракавици во мал број и тоа им е единственото нешто што го имаат на располагање. Велат – многу работи се потребни, но, никој не пројавува грижа.

„Никој од Владата нема дојдено да праша како овие децата живеат. Дали имаат што да јадат. Да им помогнат барем малку. Не мора да ја вртиме главата кога се работи за Роми, па сите ние сме луѓе,“ вели Џевад Гегиќ, претседател на здружението.

Прв или втор пик – ситуацијата е иста

Екс ју државите во различен период од корона кризата, се соочија со вториот бран на ковид-19. Но, се чини, дека односот кој Ромите остана непроменет. За ова скоро говореше и Елвис Бериша од Ромската организација на млади во Црна Гора

„Ниедна институција, ниту организација до овој момент, во другиот бран од ковид-19, не пружи никаква поддршка на ромската популација.“

На ова му претходеше повикот на група невладини организации и активисти за човекови права, барајќи од Владата на Црна Гора, надлежните министерства и меѓународната заедница итно да реагира за преземање на конкретни мерки за да се спречи ширење на коронавирусот меѓу ромската популација.

Вакви апели испратија и домашните невладини организации. Од почетокот на кризата по до сега, во Северна Македонија тие се можеби и единствените кои реално се присутни и помагаат на терен. Со информации за вирусот, доделуваање хигиенски пакети и храна за најзагрозените, во услови кога мнозинството живее во импровизирани живеалишта, без вода и канализација, но и струја во домовите.

автор: Петар Клинчарски