Пандемијата низ Европа ги самоорганизира(ше) Ромите, националните власти затаија во помошта

Публикацијата „Ромите во кризата со ковид-19“, нуди преглед на низа состојби и мерки кои ги преземаат шест земји-членки на ЕУ од областа на здравството, хуманитарниот аспект, образованието и претприемништвото. 

Здравствени мерки – без пристап до вода и здравствено осигурување

Превентивните мерки, како што се миење на рацете и физичката

дистанца се многу поголем предизвик за Ромите од другите популации, бидејќи голем дел од нив живеат во услови на екстремна сиромаштија. Во просек низ Европската унија, 30 проценти од Ромите немаат пристап до вода од чешма и до 80 проценти од Ромите живеат во густи населби и пренатрупано домување. Иако националните влади се свесни за овие услови, не ги ставија како приоритетни ромските населби при дистрибуција на материјали и спроведување на мерки за дезинфекција.

Бидејќи тестирањето за ковид-19 во Бугарија, Унгарија и Шпанија е врзано со здравственото осигурување, значителен дел од ромското население е исклучено. На пример, само 45% од Ромите во Бугарија и 54% од Ромите во Романија имаат здравствено осигурување.

Ограничувања на јавниот превоз во Бугарија, Унгарија, Романија и Шпанија, пак, обезбедуваат пристап до основна медицинска нега само за Роми со хронични заболувања или посебни околности (на пр. бременост), бидејќи Ромите се потпираат на јавен превоз за посети на лекари и аптеки. Во Словачка, пак пријавен е дискриминаторски медицински третман (т.е. задолжително тестирање само за ромските заедници) и кај некои ромски населби во Бугарија.

Хуманитарни мерки – невладините и дијаспората помагаат, на потег се владите

Во екот на пандемијата, невладините ромски организации даваа круцијална поддршка на семејствата многу порано отколку што тоа го сторија државите. Во земјите опфатени со овој брифинг, резултатот укажува дека системскиот неуспех да се обезбеди пристап до вода за 30 проценти од Ромите го зема својот данок. Освен во Словачка, нема мерки за решавање на овој проблем во другите земји, токму за време на пандемијата. Поради неплатени долгови, најсиромашните ромски населби се соочуваат со недостиг на електрична енергија.

Најранливиот дел од Ромите живеат во услови без вода и водовод и тие претставуваат јавен ризик за самите нив, населбите каде живеат и останатите. Но, морам да напоменам дека Ромите во пандемијата се самоорганизираа. Првата помош во сите маала, не дојде од ниту од владите, ниту од хуманитарните организации, туку од ромската дијаспора. Ромските организации и активисти организираа кампањи за превенција од ковид, пред државите да се обидат кампањски тоа да стигне и до ромските населби, што беше случај во одредени земји. Првата офанзива на самоорганизација дојде од нив. Како резултат немаме епицентар во ромско маало или да имаме жариште. Власите затвораа ромски наслеби, иако имаше еден или два случаи и не беше во согласност со нивните интерни процедури за целосни затворања на населби. Но, стравот и стереотипите беа поголеми, оценува една од авторите на публикацијата Неда Коруновска.

Образование – надвор процесот за дигитална настава

Фондот за образование на Ромите очекува веќе да се зголеми високата стапка на напуштање на наставата на  68 проценти кај учениците Роми поради услови што ги спречуваат децата Роми да учествуваат учење на далечина. Најчестите бариери со кои се соочуваат се немање пристап до електрична енергија, немање компјутери и телевизори, интернет, за да учествуваат во наставниот процес преку учење од далечина. Ромите најчесто живеат во импровизирани домови во големи семејства или на улица. Далечинското учење бара самостојна работа од учениците брз интензивно вклучување на родителите, но, нивните родители Роми имаат  ниско ниво на образованието не се во можност да обезбедат поддршка. Мерките за учење од далечина (преку интернет) оставаат повеќе од половина деца Роми надвор од образовниот систем, а веројатно ќе придонесе и за зголемување на веќе високите стапки на напуштање на студирањето од ромските студенти.

Претприемништвото пред колапс

Ова е областа со најсериозно негативно влијание за Ромите за време на пандемијата и тоа ќе има генерациски последици, се нагласува во публикацијата. Причината е затоа што повеќето Роми работат на ниско квалификувани и ниско платени работни места на сивиот пазар или неформалните бизниси, со што не им се достапни придобивките кои ги даваат земјите-членки за поддршка поврзани со ковид-19. Истражување на 195 бизниси во сопственост на Роми – спроведена во март во Северна Македонија, Романија и Србија од страна на „Иницијативата на Ромите за развој на претприемништвото“  покажа дека половина од нив рекле дека  нема да можат го платат изнајмувањето на просторот доколку кризата трае подолго од две недели. Загрижувачки е фактот и дека околу 90 % од анкетираните претприемачи не виделе никакви можности генерираат приходи во блиска иднина. Исто така, повеќе од половината, односно 60% изјавиле дека нивните бизниси ќе банкротираат и ќе ги затворат во следните два месеци во отсуство на итна поддршка.

Ромите се најмладо малцинство во Европа. После здравствената, ние мислам дека одиме во економска криза. Целиот фокус и на Ромите е таму. Ако се воспостават програми кои ќе ги преквалификуваат, да можат да го пополнат таа празнина на пазарот на труд, тоа ќе биде позитивно. Ромите се многу претприемчиви. Иако не работат во формална економија (нивната бројка е многу мала) голем дел од нив работат во неформалната економија и таа треба да се поттикнува, се осврнува Коруновска. 

автор: Петар Клинчарски фото: Досие.мк

Total
0
Shares
Поврзани објави
Повеќе

Видео: Ромската популација феномен во приказната со ковид 19 – структура на население кое е дискриминирано во општеството – со најмалку заразени

Интервју на „Досие.мк“ со спцијалистот по интерна медицина во гостиварската болница, доктор Ариф Пини, еден од ретките Роми…
Повеќе

Предизвиците на Ромите за време на кризата предизвикана од ковид-19 – продлабочување на образовниот јаз (Sfidat e romëve gjatë krizës të shkaktuar prej Covid-19 – thellohet hendeku arsimorë)

Владините уредби донесени за зачувување на здравјето на граѓаните, сепак (ин)директно влијаеа врз економијата, а ги доведоа во…