При појавата на ковид-19 во Северна Македонија, веднаш се организиравме да доставиме брошури до граѓаните во ромските населби, да ги информираме да внимаваат на хигиената и да не излегуваат од дома без потреба, иако тоа беше секојдневна борба за луѓето кои се социјално исклучени. Вакви се сеќавањата на Ашмет Елезовски, директор на невладината организација „Национален Ромски центар“, за почетоците на ковид епидемијата во државава, воведувањето на полицискиот час во Куманово, недостигот на вода и храна во населбите каде живеат Роми, но и појавата на вирусот помеѓу самите нив.

Со оглед на тоа дека и ние како невладина организација комуницираме голем број граѓани дневно, го преполовивме и тимот за работа, за да се заштитиме и нас и другите на терен. Тргнавме во акција, заштитени да дејствувавме во соработка со Црвениот крст. Одевме во ромските населби со првата помош која пристигна од Фондацијата „Отворено општество“,, помош, која за жал, требаше да биде од државата. Делевме хигиенски средства, маски, споделувавме и дадовме информации. Поделивме и помош во храна за околу 1.500 граѓани на Куманово, меѓу кои Македонци, Албанци и Роми, се сеќава Елезовски.

Предизвикот да се живее во вакви услови, барајќи храна во контејнери и собирајќи пластика за продавање и „вадење“ на парче леб, резултирало со појава на вирусот и меѓу ромското население. 

За кратко време, во месец април, починаа двајца Роми и беа регистрирани како жртви на ковид-19. Не можам да тврдам што се случило, знам само дека беа болни и пред да починат. Колку вирусот влијаел – не знам. Во април, во изолација имавме речиси 25 семејства во изолација, кои беа во контакт со претходно починатите. Ги посетувавме во изолација, им носевме помош пред врата, вели Елезовски.

Но, со завршувањето на првиот бран на ковид-19, заврши и помошта. Состојбата на терен сега е тешка и деликатна, оценува Елезовски, немајќи можност да опстојат.

Збориме за преживување, не за нормален живот. Дали да купат средства за хигиена или храна. Помошта беше во првиот бран, но, сега нема. Сега треба континуитет. За ромската заедница е тешко, имаме семејства во многу тешки услови – без вода и канализација. Тоа е проблем кој не е од денеска и не е поради ковид-19. Веќе 15 години секоја нова власт го остава проблемот нерешен. Во ситуација на пандемија треба солидни услови за превентива, смета Елезовски.

Како невладина организација, големи надежи вложувале во економските мерки на Владата, кои на почеток ги оцениле како добредојдена помош за социјално ранливите. Но, неодамна, испратиле и допис до Илинденска број 2, во кој бараат да се пролонгира рокот за жалби за оние луѓе кои не успеале да добијат платежна картичка. Причината за реакцијата е малиот број на Роми кои се активни баратели на работа кои не се нашле на списоците за добивање на картичката за купување домашни производи.

Мислам дека и граѓаните кои во АВМУ, бараат работа и се регистрираат на шест месеци и тие имаа право да добијат картичка. Во овој случај и тие се дискриминирани, бидејќи тоа е ставот – штом е регистриран во АВМУ има потреба од средства да ја помине кризната состојба. Министерството за финансии можеби направи ненамерна грешака, кој и да ја работел базата ја направиле брзо и направиле неправда за оние на кои навистина им е потребна картичката. Во мерката, не се опфатени и мајки кои земаат додаток за трето дете и со тоа можеби е направена и дискриминација кон жените. Имавме неколку случаи и на починати луѓе кои се најдоа во списоците, вели Елезовски, барајќи листата да се корегира.

Автор: Петар Клинчарски видео: Досие.мк