И собирачите на пластични шишиња останаа без леб

Во февруари, Собранието го усвои, а Владата на седница на 29 мај донесе Уредба со законска сила за примена на Законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени. Ова решение има за цел да ги препознае 700 до 1.000 Роми и да ги вметне во системот, за да бидат препознаени од државата дека постојат како индивидуи.

Четири месеци подоцна од донесенувањето, поради епидемијата со коронавирусот, институциите заглавија во донесувањето на подзаконските акти на донесениот закон, велат од Институтот „Ромалитико“. Тоа ги остави Ромите препуштени сами на себе, се уште чекајќи да добијат идентификациона исправа (лична карта), евидентирајќи се во посебна матична книга на родени. Со тоа, би оствариле право на образование, вработување со задолжително социјално осигурување, социјална и здравствена заштита.

Институтот за истражување и анализа на политики – „Ромалитико“ активно го набљудува институционалниот процес на законот. Мухамед Ајваз, член на организацијата, вели дека појавата на ковид-19 во земјава, ги спречила надлежните министерства во рок од еден месец да ги донесат и неопходните подзаконски акти.

Успеавме да го актуелизираме прашањето во средина на мај, Министерство за правда да ги донесе подзаконските акти. Сега сме во соработка со МВР, исто така, за да ги донесе подзаконските акти за формата за привремена лична идентификација на 700 во системот. МВР треба да обезбеди и содржина како ќе изгледа барањето кое треба да се поднесе, бидејќи тие луѓе се „невидливи“ и не можат да искористат ниту една од мерките за ковид-19. Тоа е пречка за доаѓање до финансиската помош, но, и генерално до основните човекови права, бидејќи ги нема во системот – смета Ајваз.

Од друга страна, вели Ајваз, кризата со ковид-19 најмногу се одразила во неформалниот дел од економијата во Шуто Оризари, каде припаѓа 80 насто од населението.

Дел од населението се занимава со собирање на пластични шишиња, откупот беше намален, но и поради рестриктивните мерки самите лица не смееја да се движат. Огромен процент се дел од неформалната економија – овие лица не се во системот, иемаа поддршка. Ние влијаевме да влезат во вториот сет економски мерки, со цел да се обезбедат 7.000 денари за оние семејства кои што се занимаваат со неформална економија, вели Ајваз.

Најголемиот извор на приходи кај ромското население – пазарот на тезгите, беше затворен речиси два месеци. Во моментот, тој повторно се отвори, но, раздвиженоста не е како порано. Иако, се забележува дека и продавачите и купувачите се придржуваат до владините мерки, носејќи заштитни маски.

текст: Петар Клинчарски фото: Досие.мк

Total
0
Shares
Поврзани објави
Повеќе

Предизвиците на Ромите за време на кризата предизвикана од ковид-19 – продлабочување на образовниот јаз (Sfidat e romëve gjatë krizës të shkaktuar prej Covid-19 – thellohet hendeku arsimorë)

Владините уредби донесени за зачувување на здравјето на граѓаните, сепак (ин)директно влијаеа врз економијата, а ги доведоа во…