Државниот врв денеска наложи веднаш на Кризниот штаб да креира акциски план за справување со ковид-19 и неговото ширење.

,,Главниот штаб при Центарот за управување со кризи веднаш да започне со подготовка на Акциски план за превенција и справување со ширењето на заразната болест КОВИД-19, како и целосен преглед за расположливи човечки и материјално-технички ресурси и план за координирано дејствување“, се вели во владиното соопштение.

Владата заклучи Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, Министерството за здравство, Армијата, Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување, сите расположливи капацитети и ресурси да ги стават во функција на справување со кризната состојба.

Синоѓа владата побара од претседателот Пендаровски да ја вклучи армијата како дополнителна помош во справувањето со кризната состојба.

Пендаровски на фејсбук објави дека армијата ќе се вклучи како поддршка на полицијата и на здравствените установи. Армијата ќе и помага на полицијата во обезбедување на стратешки објекти, болници, како и во обезбедување на магацини со лекови и со друга заштитна медицинска опрема, објави Пендаровски.