Почна седумчасовниот полициски час, забрането е излегување до 5 часот наутро

Од 22 часот па се до 5 наутро улиците низ Македонија повторно ќе бидат празни, од вечерва на сила стапува полицискиот час, мерка која треба да застане на патот на понатамошно зголемување на инфекцијата од коронавирусот.

Полицијата е веќе спремна за спроведување на ограничувањето на движење, секој прекршок ќе биде санкциониран, информираше портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.

-Aпелирам до граѓаните да ја почитуваат оваа мерка, затоа што било какво непочитување, ќе значи кривична пријава до надлежното обвинителство. Затоа, не само да се избегне оваа кривична пријава, туку заеднички да придонесеме за здравјето и наше и на сите останати, да ги почитуваме мерките, затоа што тие се донесени од здравствените власти, вели портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.

Слобода на движење ќе имаат граѓаните кои имаат посебни дозволи, надлежните информираа дека се валидни оние кои беа издадени уште лани, оние кои ги изгубиле ќе добијат нови.

Отстапка ќе има и за лицата на кои ќе им треба итна медицинска помош, откако ќе го најават во полиција излегувањето од дома на 192. А промена има и во функционирањето на аптеките по 22 часот..

Бројот на дежурни аптеки ќе биде ограничен. Во полицискиот час ќе работат само оние кои се локациски поврзани со амбулантите и болниците, а пристап до нив ќе имаат оние граѓани кои ќе приложат доказ дека направиле медицински преглед.

Поголем дел од граѓаните се незапознаени или делумно запознаени со уредбите за полицискиот час.

Градскиот превоз ќе работи од 5 до 22 часот согласно полицискиот час, а промени има и во железничкиот возен ред, прилагодени на рестрикцијата. Погоните и фабриките исто така треба да го прилагодат работното време согласно забраната за движење.

Total
0
Shares
Поврзани објави