Пандимијата ковод 19 – најголем психолошки експеримент во историјата на човештвото

Во тек е најголемиот психолошки експеримент, тврдат психолозите. Пандемијата на коронавирусот, карантините, мерките за изолација и самоизолација погодија милијарди луѓе во целиот свет.

Сега, голем број психолози во многу земји истражуваат како реагираат луѓето на неволја.

– Влијанието на пандемијата врз менталното здравје е неверојатно. Во еден момент една третина од светската популација беше затворена во своите домови. Тоа значи дека 2,6 милијарди луѓе, повеќе отколку што имало на планетата во текот на Втората светска војна, доживувале емотивни и финансиски реперкусии. Пандемијата и карантинот без сомнение се најголемиот психолошки експеримент спроведен во историјата на човештвото – вели психологот Елке Ван Хуф, професор на Слободниот универзитет во Брисел.

– Една од клучните карактеристики на луѓето е адаптибилноста, и таа дојде до израз за време на пандемијата – наведува психијатарот Џорџ Ваилант од Универзитетот „Харвард“. 

– Кога гранката ќе се свитка и не се крши, таа се враќа во првобитната состојба и продолжува да расте.
Во прилог на метафората на Ваилант одат и последните психолошки сознанија. Според резултатите, две третини од луѓето многу брзо закрепнале и не страдале од долгорочни психолошки проблеми по тешки стресни ситуации.
Но, една третина од нив страдаат од вистински психолошки проблеми што би можеле да траат со месеци, па дури и со години.

Дури и ако мнозинството се покаже отпорно, добар дел од луѓето се загрозени од психолошкото влијание на пандемијата, па нè чека вистинско цунами на ментални заболувања, предупредуваат експертите.

Луѓето се соочуваат со повеќе удари: страв од болеста, осаменост, губење на најблиските, последици од економската криза, неизвесност кога ќе заврши пандемијата. Затоа, многумина ќе страдаат од депресија, вознемиреност или посттрауматски стрес. Ова го покажаа и резултатите од последните истражувања.

– Пандемијата ги предизвика сите можни извори на стрес, за кои на многумина ќе им биде многу тешко да ги поднесат – вели психологот Анита Делонџис од Универзитетот во Британска Колумбија.

Отпорноста на секоја индивидуа е дополнително комплицирана со фактот дека не секој е изложен на пандемијата на ист начин и дека зависи од личното здравје, економскиот и социјалниот статус, тврди медицинскиот антрополог Керол Вортман од Универзитетот „Емори“.

Поради таквото влијание врз менталното здравје, психолозите, следејќи го примерот на научниците кои забрзано работат на вакцина против вирусот, ги интензивираа своите истражувања за психолошките последици од пандемијата.

Масовниот премин на виртуелни форми на работа и дружење исто така придонесе за забрзување на истражувањето. Психијатарот Денис Черни од Медицинската школа „Монт Синај“ во Њујорк наведува дека тоа ќе придонесе за новата наука за приспособливост.

– Ќе научиме како да им помогнеме на луѓето да станат поотпорни на нешто дури и пред да се случи тоа – вели тој.

Џорџ Бонано од Универзитетот „Колумбија“, кој ги истражувал психолошките последици од голема траума, вели дека 65 отсто од луѓето покажуваат минимални психолошки симптоми кога се соочуваат со голем стрес. Сепак, 25 отсто имаат привремени проблеми, додека 10 отсто страдаат од постојани ментални нарушувања. Но, според него, она што загрижува е дека луѓето што се на пониско место на економската скала имаат поголем ризик од нарушувања.

Сепак, експертите предупредуваат дека последиците од сегашната пандемија може да бидат потешки. Според Дејзи Функурт, епидемиолог од Универзитетот во Лондон, ова е првпат во историјата да имаме глобален карантин кој трае толку долго, што може да има многу негативен ефект врз човечката психа.

Едно од најголемите психолошки истражувања е веќе завршено во Кина, која беше првата што ја зафати епидемијата на новиот вирус. Според неговите резултати, дури 35 отсто од луѓето изјавиле дека имаат психолошки проблеми како резултат на карантинот.

Друго истражување од САД покажа дека карантинот особено ја влошува анксиозноста кај луѓето што веќе страдаат од неа.

Вирусот не само што му се заканува на физичкото здравје на постарите лица, туку и на менталното здравје, вели истражување спроведено на 64.000 луѓе низ целиот свет. Иако не се изложени на секојдневен стрес, како што се работа и слични егзистенцијални проблеми, постарите лица покажале исто ниво на стрес за време на пандемијата како и работоспособното население, вели Ненси Син, психолог од Универзитетот „Колумбија“.

Она што е позитивно е дека постарите подобро се справиле со тој стрес од помладите. Психолозите претпоставуваат дека поради нивното големо животно искуство, тие развиле механизми за одбрана од стрес.

Дејзи Фанкур наведува дека во Велика Британија се спроведува истражување на 84.000 луѓе, чии први резултати покажале дека нивото на депресија е далеку повисоко отколку пред пандемијата. Најпогодени се оние што веќе страдале од неа, оние што живеат сами, но и помладите луѓе. Фанкур вели дека многу луѓе добиваат психолошка корист од пандемијата затоа што развиваат механизми за одбрана од стрес што ќе им бидат од корист подоцна, како што е доволен сон, поздрава исхрана, одржување социјални контакти, вежбање итн.

Извор: B92.net

Total
0
Shares
Поврзани објави