Пациенти се жалат од докторите во дневната амбуланта на ГОБ „8 Септември“

Гневни и бесни – пациенти со компликации од Ковид 19 во очај бараат помош во дневната амбуланта во ГОБ „8 Септември“. За ова сведочи видео снимка која утрово осамна на социјалните мрежи.

Со упатите во рака, пациентите буквално се туркаат еден во друг во обид да стигнат до вратата и побрзо да добијат лекарска помош. Се жалат оти со часови чекале на студеното време, додека вработените си го пиеле утринското кафе.

„Луѓево со температура, пневмонија, омалаксани, со отежнато дишење дремат надвор на минусни температури и се молат со докториве да се смилуваат да отворат врати. Патем јас со бронхопневмонија чекав три часа. Ако состојбата ти се влошила ноќе и немаш упат од матичен не те примаат – те брка обезбедувањето“, пиша пациентка на Фејсбук.

Директорот на болницата Христијан Костов вели дека дневно прегледуваат по 200 пациенти, правеле 150 рендген снимки и исто толку лабораториски испитувања.

„Нити еден пациент не е вратен. За секој е пружена потребната медицинска помош, дијагностички преглед, се прават секој ден по 150 рендген наоди. Персоналот е преуморен, прекумерно е форсиран нашиот медицински персонал за да бидат згрижени сите пациенти кои што ќе се јават во нашите четири амбуланти од сабајле до вечер до 20 часот, а 24 часа имаме тријажен центар каде секој оној кој со симтоми на ковид 19 ќе побара лекарска помош ќе добие дијагностичка процедура“, вели Костов.

Докторите кои работат во ковид центарот со месеци се жалат оти се под постојан притисок.

Неодамна интернисти побараа од раководството на болницата да ги ангажира и другите специјалисти во работата на инфективното одделение, но биле одбиени оти тоа не било во рамки на нивната специјалност.    

Total
0
Shares
Поврзани објави